“Денес не сме собрани само да одбележиме уште еден празник. Денес сме собрани да го одбележиме споменот за времето кое не се мери со години, туку со идеали, со жртви, со соништа и со луѓе кои знаеле дека има мигови во историјата кога човекот повеќе не живее само за себе, туку живее за народот, за својата татковина и за генерациите кои допрва доаѓаат.
Илинден не е само датум, тој е и завет, но и карактер. Илинден е најсилниот доказ дека постојат народи кои можат да бидат окупирани, можат да бидат напаѓани, можат да бидат предавани, потценувани, но никогаш не можат да бидат покорени, затоа што слободата не започнува на границите на една држава, туку во срцето на еден народ. Токму затоа денес ги славиме двата Илиндена како една историска целина, затоа што Крушево и АСНОМ не се две различни приказни, туку една низа, две страници од истата книга, напишана со вера, со храброст и со непоколеблива одлучност земјата да биде своја, достоинствена и слободна,” изјави премиерот Христијан Мицкоски од меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце.

“Во Крушево се роди идејата дека слободата вреди повеќе од животот. На АСНОМ, недалеку од ова место, во манастирот Св. Прохор Пчињски, таа идеја доби своја државотворна форма. Во Крушево се покажа дека народот никогаш не престанува да сонува. На АСНОМ се покажа дека народот кој не престанува да сонува, знае и да создава. Два маркантни лика ги водеа овие два процеси: претседателот на Славната Крушевска Република, Никола Карев, и првиот претседател на АСНОМ, Методија Андонов-Ченто.
И делегатите на Првото заседание на АСНОМ на 2 август 1944 година го побарале својот темел, основата на која ќе ја градат македонската држава, и таквата цврста подлога ја пронашле 41 година наназад, во македонскиот Илинден 1903 година, на темелите на борбата на комитите и војводите кои четири децении пред нив го развеале знамето на Крушевската Република и се бореле за слободна и автономна Македонија, чиј патрон е организацијата ВМРО. Во моментите кога асномците во манастирот Св. Прохор Пчињски ги изгласувале основачките акти, решенија и одлуки кои ја дефинирале тогашната македонска државност, тие биле целосно свесни дека историскиот континуитет со 2 август 1903 година е од суштинско значење за градењето и зацврстувањето на македонскиот национален идентитет и затоа поврзувањето на двата Илиндена јасно го запишале во документите како еден од најглавните столбови на автономна Македонија.

Декларацијата за основните права на граѓаните во Македонија била изгласана по примерот на Француската револуција од 1789 година и таа ги регулирала слободата на говорот, правото на национална припадност, правото на движење, правото на глас, за првпат и правото на глас на жените, правото на вероисповед и правото на приватна сопственост. Со овој документ, АСНОМ пред македонскиот народ и останатите националности во Македонија ја претставувал новоформираната држава не само како држава со социјалистичко општествено уредување со доминантна комунистичка идеологија, туку и како држава со примеси на граѓанско-политичко уредување. Автор на овој значаен документ бил Владимир Полежиновски, доктор по правни науки и еден од делегатите со највисоко образование, кој бил и еден од авторите на поголемиот дел од документите изгласани и усвоени на Првото заседание на АСНОМ.
Антифашизмот станал трајна македонска определба, а благодарение на политиките на тогашното македонско воено-политичко раководство била избегната идеолошка граѓанска војна со крвави последици — нешто што се случувало на поранешните југословенски простори за време на Втората светска војна. Асномците, македонските борци за слобода во НОБ, со одлуките и решенијата на 2 август 1944 година потврдија и трајно запечатија уште еден историски факт кој не може да го побие или негира ниту еден фактор, држава или историографија: македонското народноослободително движење во текот на Втората светска војна, македонските партизани, македонската војска, сама, со сопствени сили, без ничија помош однадвор, ја ослободи татковината од окупаторите и со тоа го верификуваше автохтониот, самостоен карактер на македонската државност. Слободата не ја донесе никој однадвор, македонскиот народ и сите националности сами се изборија и ја извојуваа македонската државност и ги остварија вековните идеали на ајдутите, комитите, војводите, партизаните и на сите знајни и незнајни борци низ децениите наназад.
И затоа, кога денес ги спомнуваме илинденците, кога се поклонуваме пред делото на државотворците од АСНОМ и кога ги изговараме нивните имиња, не го правиме тоа само од почит кон минатото, туку затоа што сакаме да си поставиме едно исклучително важно прашање: дали сме достојни наследници на нивната жртва и дали доволно храбро ја носиме одговорноста што тие ни ја оставија?

Историјата бара да ја покажеме истата храброст. Затоа денес не смееме да зборуваме само за славното минато. Минатото не смее да биде место во кое ќе се засолнуваме. Минатото мора да биде темел од кој ќе црпиме сила за она што допрва треба да го изградиме. Зашто народ што живее само од својата историја полека почнува да ја губи својата иднина. Но народ што ја почитува својата историја, а храбро ја создава својата иднина, никој не може да го запре. И не смееме и не можеме да потфрлиме. Битката на оваа генерација е последната линија и сила на отпор против многу неправди, против многу историски одлуки за кои, иако не влијаевме, беа погрешни и влијаеја врз нас.
Нашата најголема задача не е само да управуваме со институциите. Нашата задача е повторно да изградиме доверба. Да изградиме чувство дека оваа држава повторно му припаѓа на народот. Дека законите важат еднакво за сите. Дека чесниот човек нема да биде последен. Дека трудот ќе биде награден. Дека знаењето ќе биде почитувано. Дека младите нема да бидат принудени да ја бараат својата иднина далеку од домот, туку ќе ја гледаат токму овде, дома. И затоа, кога велиме непокор, не мислиме само на непокорот на револуционерите од 1903 година. Мислиме и на непокорот против ваквите луѓе — создавачи на тој талог, непокор против криминалот, против неправдата. На непокорот против секој обид да се обесхрабрат чесните луѓе. На непокорот против секој што сака да ја убие вербата. Затоа што вистинскиот непријател на секоја држава не е само оној што ја напаѓа однадвор.
Вистинскиот непријател е секој што одвнатре ја разорува довербата меѓу луѓето, што ја поттикнува омразата, што шири чувство дека ништо нема вредност и дека секој успех однапред треба да биде омаловажен. Но постои огромна разлика меѓу критика која сака да поправи и цинизам кој сака да уништи. Постои огромна разлика меѓу политичка дебата и систематско труење на јавниот простор со песимизам, со омраза и со убедување дека оваа држава нема иднина. Ние нема да прифатиме таква татковина.
Нема да дозволиме нашите деца да растат слушајќи дека единствениот успех е да заминеш. Нема да дозволиме најголемата амбиција на младите да биде билет во еден правец. Нема да дозволиме надежта да биде исмејувана, а разочарувањето да се претставува како мудрост. Затоа што ниту еден народ не изградил силна држава така што секој ден си повторувал дека ништо не вреди.
Големите народи стануваат големи тогаш кога, и во најтешките времиња, одлучуваат да веруваат во себе повеќе отколку што веруваат во своите стравови. Токму тоа е духот на Илинден.
И токму затоа нашата борба денес не е борба против некого. Нашата борба е борба за нешто. За држава во која институциите ќе бидат посилни од поединците. За држава во која законот ќе биде посилен од привилегијата. За држава во која знаењето ќе биде поважно од партиската книшка. За држава во која успехот ќе биде резултат на труд, а не на врски. За држава во која ќе владее правдата, а не стравот. За држава во која секое дете ќе има причина да сонува, а секој родител причина да верува дека неговото дете има иднина токму овде.
Тоа не е лесен пат. Но ниту еден Илинден не бил лесен. Ниту една голема победа во историјата не дошла без жртви, без трпение и без истрајност. Затоа нема да се откажеме. Немаме право да дозволиме омразата да стане поважна од љубовта кон татковината. Немаме право да дозволиме песимизмот да стане национална идеологија. Немаме право да дозволиме цинизмот да ја замени визијата. И најмалку од сè, немаме право да дозволиме некој да ја убие надежта кај народот.
Нашата должност е еден ден и идните генерации со истата почит да зборуваат за времето во кое живееме ние.
Затоа денес, од местото каде што одекнува гласот на историјата, да испратиме порака што ќе се слушне во секое македонско село, во секој град, во секој дом и во срцето на секој човек: дека ќе останеме исправени кога е најтешко, ќе останеме обединети кога најмногу ќе се обидуваат да нè поделат, ќе останеме достоинствени кога ќе сакаат да нè понижат, ќе останеме непокорни кога ќе сакаат да нè поколебаат. И дека никогаш, никогаш нема да отстапиме од идеалите на Илинден и АСНОМ, затоа што тие не се само дел од нашето минато, туку се темелот врз кој ја градиме иднината на Македонија.
Затоа денес, со гордост, со вера и со длабоко чувство на одговорност, да си ветиме еден на друг дека ќе ја чуваме оваа држава, дека ќе работиме за неа, дека ќе ја оставиме посилна отколку што сме ја наследиле и дека секогаш ќе бидеме достојни наследници на илинденците.
Нека живее вечниот дух на Илинден! Нека живее државотворната мисла на АСНОМ! Нека живее нашата единствена татковина!”


