Премиерот Христијан Мицкоски упати критика до официјална Софија за случајот со Ива Михаилова: Демонстрирање политичка моќ и нарушување на меѓусоседските односи.
Според премиерот, бугарските политичари правеле естрадна ѕвезда од осомничено лице кое на нелегален начин ја поминало македонската граница. Мицкоски е дециден дека и Михаилова и нејзиниот татко ќе одговараат пред македонските власти. Тој ги отфрли тврдењата за наводен договор и ја повика бугарската страна веднаш да ги врати Михаилова и нејзиниот татко.
„Апсолутно е невистина тоа што го емитуваа бугарските медиуми, односно го пласираа во јавноста, дека заедно со нејзиниот адвокат поминале на регуларен граничен премин и дека таму биле поздравени, дека им се салутирало и така натаму. Тоа претставува лага. Жалам што политичкото водство во Бугарија се обидува на овој начин да покаже политички мускули, а не ја сфаќа штетата што самото си ја прави на меѓународен план. Тоа е нивна одлука. Тие избрале ваква политика“, рече Мицкоски.
Тој изрази жалење и поради начинот на кој Михаилова се претставува во Бугарија, нагласувајќи дека најголем дел од животот и образованието ги поминала во Македонија.
Бугарските власти засега немаат соопштено дека презеле конкретни активности за утврдување на локацијата на Михаилова. Бугарското Министерство за внатрешни работи информираше дека таа има двојно државјанство, посочувајќи дека меѓународните и домашните правни прописи предвидуваат можност за одбивање екстрадиција на сопствени државјани. Бугарското МВР се повикува и на член 6, став 1, точка „а“ од Европската конвенција за екстрадиција, според кој секоја договорна страна има право да одбие екстрадиција на свои државјани


