Алтернатива Настани Ударни вести

Обединет Балкан за чист воздух: Без јаглен ќе се отстрани најголемиот извор на загадување

Сподели:

 

Согорувањето на јагленот е најголемиот индивидуален извор на загадување на воздухот на западен Балкан, а термоцентралите го предводат согорувањето. Компаниите што управуваат со нив, и државите во регионот, не се придржуваат до законите и прописите за штетни гасови, што доведува до спорови, како што се случаи на прекршоци во рамките на Енергетската заедница, укажуваат балканските еко-организации преку соопштение кое е дел од Кампањата „Обединет Балкан за чист воздух“.

„Сулфур диоксид, тешки метали, и други загадувачи го загрозуваат јавното здравје на западен Балкан, но патуваат и многу подалеку. Од вкупно 3.906 предвремени смртни случаи во 2016 година кои се припишуваат на ефектите од термоелектраните во регионот, 2.013 се случија во Европската унија, 1.239 во регионот, а остатокот во други земји“, се вели во дописот до медиумите од Обединет Балкан за чист воздух, од каде потсетуваат дека освен во индустријата, јагленот се користи и во домаќинствата, дури и во топланите.

Според наведеното, со елиминацијата на ова фосилно гориво ќе се отстрани најголемиот индивидуален извор на загадување на воздухот на западен Балкан. ЕУ се откажува од јаглен и ја стимулира употребата на чисти технологии во индустријата, за да се постигнат нето-нула емисии на јаглерод диоксид до 2050 година, помагајќи на тој начин да се ублажи глобалното затоплување.

Еко активистите потсетуваат дека државите во регионот ги прифатија овие цели кога ја потпишаа Софиската декларација во ноември 2020 година, со што овој документ го отвора патот кон неповратни грантови и финансиска поддршка дефинирани со Зелената агенда за западен Балкан.

„Наместо за изградба или реконструкција на термоцентрали, средствата од буџетот можат да бидат наменети за социјални програми и преквалификација на работниците, како и за инсталирање на соларни постројки во рудници за јаглен што ќе ги компензира капацитетите за производство на електрична енергија што се затвораат“, се вели во соопштението.

„Трансформацијата во индустријата нека биде најзелена во Европа“ бараат еко-активистите повикувајќи ги граѓаните да станат дел од кампањата, како што велат, „со цел да се згасне јагленот, а да се вклучи сонцето“

Учесниците на кампањата „Обединет балкан за чист воздух“ се залагаат за навремено затворање на централите со јаглен, како и итно намалување на загадувањето на воздухот предизвикано од тешката индустрија над пропишаните нивоа. Бараат од граѓаните да бидат дел од процесот на донесување одлуки кога станува збор за еколошки (и други) дозволи за производствени капацитети.

Меѓудругото тие укажуваат и на фактот дека без на кој било начин да се вклучи јавноста во распределбата на парите на даночните обврзници, државите во регионот платија вкупно 72,7 милиони евра директни субвенции во 2019 година на компании кои произведуваат електрична енергија од јаглен, и обезбедија гаранции за заем во вредност од 2,15 милијарди евра.

Кампањата „Обединет Балкан за чист воздух“ беше иницирана од Европскиот фонд за Балканот, во партнерство со Правото на градот од Белград (Србија), Институтот за животна средина и територијално управување од Тирана (Албанија), Ekoforum од Зеница и за екологија и Енергија од Тузла (Босна и Херцеговина), Sbunker од Приштина (Косово), AirCare/МојВоздух од Скопје (Северна Македонија) и OZON од Подгорица (Црна Гора).

За кампањата „Обединет Балкан за чист воздух“ повеќе на следниот линк.

Сподели: