Писмо до поддржувач на ВМРО-ДПМНЕ

Сподели

Драг сограѓанину, сограѓанке,

Го пишувам писмово со цел да се обидам да ти објаснам за што се залагам и во што верувам, а исто така против што се борам.

Ќе започнам од следното:

Јас се борам против истото што се бореше ти во Југославија. Јас се чувствувам исто така, како што ти си се чувствувал во Југославија. Но, нема да навлегувам во расправа за големата вистина и високите политики и историјата. Ќе се обидам да допрам само до тебе.Толкувањто на историјата им го оставам на историчарите.

Јас живеам во земја, каде што една партија доминира врз општеството, притоа правејќи илузија како тука има демократија и слобода. Јас живеам во време кога сакаш да има избори само со една партија на гласачко ливче.  Јас живеам во земја каде што директорот на театар мора да се консултира цо Центарот, пред да додели улога на актери кои јавно се жалат дека немаат улога со години, само затоа што се неистомисленици со власта.

Јас живеам во земја каде што високите функционери и поддржувачи на партијата, се привилегирани во однос на останатите смртници. Каде што еден човек има моќ да го натера театарот да не ја започнува претставата, се` до неговото пристигнување и присуство.

Дали ти дава утеха тоа што си на листа за вработување или чедото ти зема некоја смешна плата, додека ги слушаш попувањата на состаноците во Месните комитети? Како ли се чувствуваш секогаш кога ќе добиеш СМС порака да одиш каде што те повикуваат, иако не сакаш да одиш?

Дали ја чувствуваш разликата помеѓу тебе и тие привилегираните што се гостат од државните ресурси, на твојот и мојот грб? Дали не е тоа против кое се бореше кога го фрлаше секое ливче, со заокруженото бројче за ДПМНЕ?

За што се залагам?

Јас сум ентузијаст, утопист. Верувам во подобро утре, покрај морето од песимисти околу мене. Јас се злагам за општество со гласно граѓанство и нација на луѓе со интегритет. Се залагам за тоа  да ниту еден политичар во иднина, да не помисли да посегне во апсолутната моќ.Се залагам за неодмаздољубивост. Додека читам секој ден како поддржувачите на ДПМНЕ повикуваат на линч, убиство за “соросоидите” и “комуњарите”, јас посакувам мирна инклузија на поддржувачите на ДПМНЕ во општеството кое заедно ќе го градиме. Повикот за да не` сотрете не можам да го разберам.Зошто е потребно тоа? Не сакам ни вас да ве сотрат, ниту лидерите. Сакам само да се соочат со судот и со правдата на начин на кој се соочуваме сите ние обични граѓани. И никој не смее да биде над правдата! Верувам дека политичарите се корумпирани, затоа што и народот го корумпираа. Ја голтавме приказната дека членската ќе ни купи животен стандард и образование. Верувавме дека нашиот глас на избори е некаква стока за продавање. Не, верувам дека сме подобри од тоа!

Како тоа зборуваме ист јазик, а не се разбираме? Што ќе се случи ако се убиеме меѓу себе, што ќе остане од овој народ? Да не дозволиме заради богатството и криминалот на неколку стотина луѓе, нека се и илјада, да страдаме јас, ти и сите заедно.

Лидерот Никола Груевски ја доби поддршката од народот затоа што беше нов, млад и на почетокот наликуваше на чесен политичар кој вети дека ќе се залага за економски развиена Македонија. Барем за таков се декларираше. Меѓутоа, сега гледаме политичар кој е обвинет за тешки криминали, и за сето тоа е помилуван. Тој е истиот тој Али Ахмети или Бранко Црвенковски што љубиш да го презираш. Затоа сега не е време за голема одмазда, за повторна смена на едни олигарси со други. Историјата не смее да ни се повтори, бидејќи треба да остане зад нас. Каде што и е местото. Дојде времето кога треба да тргнеме напред. А како да да тргнеме кога уште сега на почеток сакате да си ги ископаме очите?

Јас одам правдата да ја барам на улица! Дојдете и вие! Навистина дојдете! Бидејќи сите ние сакаме да одиме кон подобра иднина. Каде се гледаш ти?

K.С.