Вести Македонија Ударни вести

Посетителите „бавно“ се враќаат во кино-салите, филмската индустрија пред големи промени [инфографик]

Сподели:

 

Бројот на посетители во кино салите низ земјава минатата година изнесувал 170.567, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС). По 2020 година, кога започна ковид пандемијата и се донесе одлука за затворање на кино салите, а со тоа и годишниот број на посетители значително се намали во споредба со пред-пандемискиот период, минатата 2021 е забележано благо зголемување на бројот на кино посетители и на филмски и кинопроекции.

Но, и покрај зголемувањето во однос на пандемиската 2020-та, оваа бројка е далеку помала од просекот во изминативе 10 години. Просечниот број на посетители на кина изминатава деценија годишно изнесува околу 390.000 посетители, при што рекордна посетеност била забележана во пред-пандемиската 2019 година, кога кино посетиле вкупно 539.218 лица.

Во 2020-та година бројот на посетители се намалил за дури 76 отсто, а тоа се должи на фактот што Владата уште на 13 март истата година донесе одлука за затворање на сите кина, театри и други институции каде што можат да се одржуваат масовни собири. Дел од кината своите сали ги отворија подоцна истата година, додека дел се отворија минатата 2021-ва.

Покрај ова, и филмската индустрија „успори“ со продукцијата и проекцијата на филмови, па премиерите на многу наслови беа одложувани.

 

 

Согласно статистичките податоци од Државниот завод за статистика, најмногу проекции на филмови и кино-посетители имало во главниот град. Во Скопје во 2021 година биле прикажани вкупно 636 филмови и 10.492 кинопретстави, додека вкупниот број на посетители изнесувал над 146.000. По Скопје, следува Битола со 74 прикажани филмови, 210 кинопретстави и над 22.700 посетители минатата година.

Помалку филмови, пак, биле прикажани во Охрид, Струга, Штип, Гевгелија, Крива Паланка и Свети Николе.

Од вкупниот број прикажани филмови во земјава, пак, 578 или над 78 отсто биле странски филмови, додека од прикажаните филмови домашни биле 63. 94 од филмовите биле во копродукција.

Стриминг платформите – (не)пријатели на кината

Но, и по реотварањето, кино-салите остануваат „неатрактивни“ за поголем дел од населението. Покрај причините предизвикани од пандемијата, незаинтересираноста за филмска проекција во кино се должи и на тоа што долгометражни филмови луѓето сè повеќе гледаат од удобноста на своите домови на стриминг платформите, чиј број на претплатници „експлодираше“ изминативе две години. Само платформата „Нетфликс“ пред пандемијата броела 158 милиони претплатници, додека бројот на претплатници во првиот квартал од годинава изнесувал 221 милиони корисници.

Дека причините за намалување на популарноста на кино-прoeкциите лежат во зголемениот број корисници на стриминг платформите, но и ситуацијата со ковид, се согласува и филмологот Бојан Станишиќ од Кинотека на Северна Македонија.

Станишиќ вели дека и покрај тоа што кино салите биле затворени, филмската индустрија не престана да работи за време на пандемијата. Тој смета дека „проблемот“ лежи во дистрибуцијата на насловите.

„Мислам дека филмската индустрија не застана ниту за време на пандемијата, особено кога станува збор за независниот филм, еве и кај нас се снимаат филмови. Проблем не е толку снимањето на филмовите колку што е дистрибуцијата. Гледаме дека и во самата дистрибуција на филмовите почнува да се вклучува на пример и „Нетфликс“. Ниту кај нас најголем проблем не е снимањето, туку дистрибуцијата на филмовите и каде тие филмови ќе се гледаат. Македонија не е само Скопје и Битола, треба и низ други градови да се дистрибуираат филмови и да се има континуитет во прикажувањето на истите“, вели Станишиќ.

Социјалниот момент на кино салите не може да се замени со гледањето филмови од дома

Менче Хаџи-Коста Милевска, стручен соработник за филмска дејност во Центарот за култура Битола, во чии рамки функционира и 3Д Кино Битола, смета дека понудата на филмови почнала да се враќа во „нормала“ кон крајот на минатата година.

Според неа, последниот квартал на 2021 година наликувал на пред-пандемиската 2019, бидејќи е забележана богата понуда на филмови кои го привлекоа вниманието на публиката. Тој период ни докажа дека навиките за одење во кино не се изгубени, вели Хаџи-Коста Милевска.

„Достапноста на сите филмови на интернет е проблем за кината, но стриминг платформите иако на еден начин се конкуренција, од друга страна често служат и за промоција на нови продолженија на одредени филмови, градат навики за редовно гледање на филмови и ги моделираат вкусовите на публиката. Социјалниот момент на кино салите не може да биде заменет со стриминг платформите“, смета Хаџи-Коста Милевска од Центарот за култура Битола.

Познавачите на состојбите во филмската индустрија велат дека и годинава, кога ситуацијата со ковид стивна, реално не може да се очекуваат бројки на кино посетители ни приближно до оние пред пандемијата.

„Сега сме соочени и со нов предизвик – општиот пораст на цените ќе го намали личниот буџет на посетителите, а од друга страна понудата на културни настани ќе биде зголемена по двегодишниот пандемиски период, така што очекувано и посетеноста на кината ќе биде намалена“, вели Хаџи-Коста Милевска.

Како ќе се менува проекцијата на филмовите?

Соочени со намалена посетеност, сега кината ќе треба да бараат нови начини за да станат поатрактивни меѓу конкуренцијата. Летниот период е вистинска можност да им се понудат поинакви кино-искуства на љубителите на филмот.

„Особено во летниот период, многу е важно да се излегува надвор и проекциите да бидат на отворено во некој вид летно кино, тогаш проекциите и бројот на посетители би се зголемил“, смета филмологот Станишиќ.

Во периодот што следува ќе бидеме сведоци на големи промени во филмската индустрија во сите сегменти – од продукција, преку дистрибуција, до кино-прикажувачката дејност.

„Годините на пандемија беа тешка лекција, а процесот на дигитализација беше забрзан што ќе придонесе за промените. Во кино-дејноста ќе биде променет пристапот кон публиката, ќе се истакнува социјалниот момент, проекциите ќе бидат придружувани од дополнителни активности“, вели Хаџи-Коста Милевска.

Според неа, блокбастерите ќе продолжат да бидат столбови на годишната програма, додека истовремено се очекува и пораст на бројот на европски филмови, особено на филмови од поблискиот регион./мета.мк

Сподели: