Тина, Вилма, Ален, Лука и Марко од тимот „Еднакви“ од СУГС „Владо Тасевски“ од Скопје го освоија првото место во категоријата училишта на Регионалната награда за Централна и Југоисточна Европа за проекти поврзани со услужно учење (Regional Service-Learning Award – RSLA).

Наградата за проектот „Еднакви во учењето“ беше доделена на церемонија во Приштина, Косово на 24 ноември 2026 во конкуренција на 214 проекти.
Применувајќи го знаењето од финансиската писменост и сообраќајните предмети учениците создадоа приспособени аудио-видео лекции за своите врсници од ДСУРЦ „Димитар Влахов“ во Скопје. Нивната цел е да им овозможат полесно да ги совладаат наставните содржини и да можат самостојно да им се навраќаат кога им е потребно. Со објавувањето на лекциите на јавно достапниот YouTube-канал „Еднакви во учењето“, тимот создаде ресурс што може да се користи и по завршувањето на проектот.

„Сфативме дека најдобро учиш кога треба нешто да му објасниш на друг. Целиот процес нè зближи како тим и нè натера да размислуваме малку пошироко. Ова признание е доказ дека и ние средношколците можеме да направиме големи работи,“ изјави Лука Андов, член на тимот.
Услужното учење е концепт преку кој лекциите и теоријата од училница се претвораат во реална помош за заедницата. Преку овој проект, учениците најдобро го научија материјалот токму пренесувајќи го на други, а нивните врсници добија практична алатка за полесно и самостојно учење.

„Средношколците од „Владо Тасевски“ одржаа лекција за тоа како треба да изгледа современото образование – поврзано со реалниот живот и солидарно кон заедницата. Горди сме што нивната идеја, родена преку нашата програма, денес е препознаена како најдобра во регионот,“ изјави Иван Јованов, извршен директор на LEAD.
Регионалната награда за услужно учење ги препознава иницијативите од Централна и Југоисточна Европа што го поврзуваат учењето со активен придонес на младите во заедницата. Над 200 иницијативи, секоја приказна е посебна а искуственото учење е едно од најблагодарните процеси низ кои минуваат младите.

„Еднакви во учењето“ е една од ученичките иницијативи реализирани во 2025 година во рамки на проектот „LEADing Forward: Зајакнување на капацитетите за одржлив развој“ на Здружение Лидери за едукација, активизам и развој.
извор Лидери за едукација, активизам и развој LEAD


