Радев и Мицотакис со реакции до Силјановска Давкова

Сподели

Бугарија не прифаќа изјави и однесувања што се во спротивност со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година, како и со другите меѓународни договори што ги има потпишано Република Северна Македонија (РСМ). Ова е посочено во ставот на претседателот на Бугарија, Румен Радев по повод завршената изборна кампања во Македонија и церемонијата на инаугурација на новата претседателка на државата, Гордана Силјановска-Давкова.

-Убеден сум дека европската перспектива на РСМ зависи од строгото исполнување на меѓународните договори во кои е страна, како и оние одобрени од Европскиот совет во јули 2022 година. Преговарачката рамка со ЕУ, како информација за одговорните институции во РСМ, нема да биде ревидирана. Бугарија постојано и јасно го кажа својот став дека договорите мора да се исполнат, се истакнува во соопштението од прес-службата на бугарскиот претседател Румен Радев.

И грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис реагираше на говорот на инаугурацијата на новата претседателка Гордана Силјановска Давкова, опишувајќи го како нелегален, провокативен и нелегитимен.

-Провокативниот избор на новата претседателка на Северна Македонија го прекрши официјалниот текст на заклетвата и да ја нарече земјата со различно име претставува нелегална и недозволива иницијатива. Чин кој го прекршува Договорот од Преспа и самиот устав на нејзината држава. Но, и поткопување на иднината на државата, како што веќе изјавија претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, изјави грчкиот премиер Мицотакис и додаде дека Грција ги отфрла начините на управување како овие со кои госпоѓа Силјановска го започнува својот мандат.

Новоизбраната претседателка, Гордана Силјановска-Давкова ја презеде функцијата и кога положи заклетва рече „Изјавувам дека совесно и одговорно ќе ја извршувам функцијата претседател на Македонија“.

Силјановска и во својата предизборна кампања неколку пати изјави дека нема да ја користи придавката „Северна“ во името на државата, што беше сменето со Договорот од Преспа со Грција од 2018 година.