Ретроспективна изложба во МСУ: 40 години творештво на Благоја Маневски

Сподели:

Ретроспективна изложба во Музејот на современата уметност – Скопје, 23 септември (среда), 2026 година/ 20 часот

Куратори: Лилјана Неделковска, Натали Рајчиновска-Павлеска

Координатор на проектот: Благоја Варошанец

Четири децении уметничко истражување, експеримент и постојано преиспитување на границите на уметничкото дело.
Ретроспективната изложба на Благоја Маневски (1957) го претставува неговиот творечки пат од 1985 година до 2025 година – пат обележан со постојана промена, истражување и храбро поместување на границите меѓу сликарството, објектот, инсталацијата, фотографијата, цртежот, амбиентот и хепенингот.

Од раните сликарски искуства и апстрактните истражувања, преку објектите и просторните интервенции, до концептуалните инсталации и перформативните форми, Маневски развива автентичен визуелен јазик во кој традицијата, просторот, материјата и личното искуство се среќаваат во постојан дијалог. Неговото творештво го одбележува силна авторска позиција и континуирана потреба од преиспитување на она што може да биде уметничко дело. Тоа е уметност која ја истакнува енергијата на раката, телото и материјата, како тивок, но моќен отпор кон брзината и технолошката медијација на современата визуелна култура. Појавувајќи се во значајни национални и меѓународни уметнички контексти, меѓу кои Југословенската Документа, Биеналето на млади југословенски уметници во Риека и Венециското биенале, Маневски зазема значајно место во развојот на македонскиот современ уметнички дискурс.

Во рамки на изложбата ќе биде испечатено обемно монографско издание за авторот каде се застапени авторски текстови од Лилјана Неделковска, Натали Рајчиновска-Павлеска, Бојан Иванов и Валентино Димитровски.

Изложбата е дел од годишната програма на Музејот на современата уметност поддржана од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија.

Сподели: