Алтернатива Вести Македонија Настани

Штип добива нов споменик – четириметарска шивачка игла

Сподели:

 

Штип – градот кој живее од текстилството изминатите 70 години, во кој неколку илјади семејства се исхранувале од текстилната индустрија, ќе добие споменик – шивачка игла.

Иглата која е со височина од четири метри и стои на подлога од еден квадратен метар, искосена под агол, ќе биде поставена на кејот на реката Брегалница во населбата „8 Ноември“.

Овој споменик во исто време е и симбол на работничките права, на денешната прес-конференција објаснија од здружението „Гласен текстилец“, кои ја организираат манифестацијата „Текстилијада 2019“.

Иглата е урбана уметничка инсталација на креирана во соработка со Центарот за современи уметности и тимот на урбанистички уметнички акции и академскиот скулптор Андреј Митевски и на Никола Писарев.

-Иглата ја посветуваме на текстилните работнички кои 70 години се носители на индустријата во град Штип и заслужуваат свое спомен обележје во овој град , бидејќи досега немаше не им е посветено – изјави Дејан Ампев од Гласен текстилец.

На разни локации во градот во наредните три дена, додека во Штип се одржува и фестивалот на забавна музика, Макфест, ќе се одржуваат редица настани. Ќе бидат прикажани работнички документарни филмови, ќе има серија дебати, изложби, а предвидена е и регионална конференција на тема „Позитивни примери од регионот“.

Сподели: