Што содржи ,,Законот за јазиците” изгласан во 2008 година?

Сподели

Собранието на Република Македонија на одржаната седница  на 4 август 2008 година го донесе Законот  за  употреба  на  јазик  што  го  зборуваат    најмалку  20%  од граѓаните  во Република Македонија и во единиците на локалната самоуправа.

Со овој закон се уредува употребата на јазикот што го зборуваат најмалку  20% од граѓаните во Република Македонија и во единиците на локалната самоуправа. Согласно одредбите од овој закон во органите на државната  власт во Република Македонија  може да се користи и  службениот јазик различен од македонскиот јазик во согласност со овој закон.

Јазикот што го зборуваат најмалку  20% од граѓаните во Република Македонија се употребува  во Собранието  на  Република  Македонија;  комуникација  на  граѓаните  со министерствата, судските постапки; управната постапка; извршување на санкции; народен правобранител;  изборниот  процес;  при  непосредно  изјаснување  на  граѓаните;  при издавањето на личните документи на граѓаните; при водењето на матичната евиденција; примена  на  полициски  овластувања;  во  радиодифузната  дејност;  инфраструктурни
објекти;  локалната  самоуправа;  финансиите;  економијата;  образованието  и  науката; културата  и во други области и институции согласно со овој закон.

УПОТРЕБА НА ЈАЗИКОТ ВО СОБРАНИЕТО

Во работата на Собранието службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. Пратеник кој зборува јазик различен од македонскиот јазик, а кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија, може на седница на Собранието и на седница на работното тело да зборува на тој јазик.

Пратеник, избран или именуван функционер од Собранието на Република Македонија, кој зборува јазик различен од македонскиот јазик, а кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија, може на седница на Собранието и на седница на работното тело да зборува на тој јазик. Исто така пратеник  кој  зборува  јазик  различен  од  македонскиот  јазик,  а  кој  го  зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија, собраниските материјали може да ги добие и на неговиот јазик и писмо.

КОМУНИКАЦИЈА МЕЃУ ГРАЃАНИТЕ  И МИНИСТЕРСТВАТА

Кој било граѓанин кој живее во единиците на локалната самоуправа во која најмалку 20% од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик, во комуникацијата со подрачните единици на министерствата во таа единица на локалната самоуправа, може да го употреби тој службен јазик и неговото писмо. Подрачните единици надлежни за тие единици на локалната самоуправа одговараат на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на службениот јазик и писмо што го употребува граѓанинот.

Кој било граѓанин кој живее во единиците на локалната самоуправа во која најмалку 20%  од  граѓаните  зборуваат  службен  јазик  различен  од  македонскиот  јазик,  во комуникација со министерствата може да го употребува тој службен јазик и неговото писмо.

Министерствата одговараат на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на службениот јазик и писмото што го употребува граѓанинот кој живее во единиците на локалната  самоуправа  во  која  најмалку 20%  од  граѓаните  зборуваат  службен  јазик различен од македонскиот јазик.

УПОТРЕБА НА ЈАЗИКОТ ВО СУДСКИТЕ ПОСТАПКИ

Кривична и прекршочна постапка

Во  кривичната  постапка  службен  јазик  е  македонскиот  јазик  и  неговото  кирилско писмо. Во кривичната  постапка  друг  службен  јазик  што  го  зборуваат  најмалку 20%  од граѓаните и неговото писмо, се користи во согласност со овој закон.

Обвинетиот,  оштетениот,  приватниот  тужител,  сведоците  и  другите  лица  кои учествуваат  во кривичната  постапка,  а  кои  зборуваат  службен  јазик  различен  од македонскиот, имаат право при изведувањето на предистражните, истражните и другите судски дејствија и на главниот претрес, како и во постапката по жалба да го употребуваат својот јазик и писмо. Судот ќе обезбеди усно преведување на тоа што лицето, односно другите го изнесуваат, како и на исправите и другиот пишан доказен материјал. Судот ќе обезбеди писмено да се преведе пишаниот материјал кој е од значење за постапката или за одбраната на обвинетиот.

Тужбите, жалбите и другите поднесоци се упатуваат до судот на јазикот на кој се води постапката. Граѓаните  кои  зборуваат  службен  јазик  различен  од  македонскиот  јазик,  можат поднесоците  да  ги  упатуваат  на  својот  јазик  и  писмо,  ваквите  поднесоци  судот  ги преведува и ги доставува до другите странки во постапката.

На обвинетиот кој не го разбира јазикот на кој се води постапката му се доставува превод од обвинението на јазик на којшто се служел во постапката.

Поканите, одлуките и другите писмена судот ги упатува на јазикот на кој се води постапката. На граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик, поканите, одлуките и другите писмена ќе им се достават и на тој јазик.

Парнична постапка

Странките и другите учесници во постапката кои зборуваат друг службен јазик кој, исто така, е службен јазик во Република Македонија, во постапката имаат право при учеството на рочиштата и при усно преземање на други процесни дејствија пред судот да го употребуваат својот јазик.

На странките и другите учесници  во постапката, ќе им се обезбеди усно преведување на нивниот јазик на тоа што се однесува на рочиштето, како и усно и писмено преведување на исправите кои се користат на рочиштето за докажување.

Друга употреба во судските и други органи

При избор на судија и судија-поротник во судот кој се наоѓа на подрачје на единица на локална  самоуправа  каде  што  најмалку 20%  од  граѓаните  зборуваат  службен  јазик различен од македонскиот јазик, судијата и судијата-поротник припадник на таа заедница, свечаната изјава ја даваат на македонски јазик, а ја потпишуваат на македонски јазик и неговото кирилско писмо и на јазикот и писмото на таа заедница.

Во судовите чие седиште е на подрачјето на единиците на локалната самоуправа во кои покрај македонскиот јазик и неговото кирилско писмо друг службен јазик и неговото писмо е јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните, печатот на судот, називот и седиштето на судот се напишани, односно истакнати и на тој јазик и писмо.

Јавното  обвинителство  во  извршувањето  на  функцијата  соодветно  ги  применува одредбите  од  Законот  за  кривичната  постапка,  кои  се  однесуваат  на  употребата  на јазиците.

Избраните  членови  на  Судскиот  совет  на  Република  Македонија    припадници  на заедниците  кои  зборуваат  службен  јазик  различен  од  македонскиот  што  го  зборуваат најмалку 20% од граѓаните, свечената изјава од членот 28 на Законот за Судскиот совет на Република Македонија ја даваат на македонски јазик, а ја потпишуваат на македонски јазик и неговото кирилско писмо и на јазикот и писмото на таа заедница.

Општа управна постапка

Граѓаните кои зборуваат на јазик различен од македонскиот јазик, а кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија, во управната постапка што се води во органите на државната управа, другите државни органи, органите на општината, на градот Скопје и на општините во градот Скопје, правните и други лица на кои со закон им е доверено вршење на јавни овластувања, имаат право да го користат тој јазик.

Правото може да го користи кој било граѓанин кој живее во единица на локалната самоуправа во која најмалку  20% од граѓаните зборуваат службен јазик  различен  од  македонскиот  јазик,  во  комуникацијата  со  подрачните  единици  на министерствата,  може  да  употреби  кој  било  од службените  јазици  и  неговото  писмо. Подрачните единици надлежни за тие единици на локалната самоуправа одговараат на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на службениот јазик и писмо што го употребува  граѓанинот.  Секој  граѓанин  во  комуникација  со  министерствата  може  да употребува еден од службените јазици и неговото писмо, а министерствата одговараат на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на службениот јазик и писмо што го употребува граѓанинот.

Странките во постапката кои зборуваат јазик различен од македонскиот јазик кој, исто така, е службен јазик, поднесоците можат да ги поднесуваат на тој јазик и писмо. Ваквите поднесоци органите, пред кои се води постапката ги преведуваат на македонски јазик и неговото кирилско писмо и постапуваат по нив.

ИЗБОРЕН ПРОЦЕС

При  спроведувањето  на  изборите  во  работата  на  општинските  изборни  комисии  и избирачките одбори, во општините во кои најмалку 20% од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик, покрај македонскиот јазик и неговото кирилско писмо во службена употреба е и јазикот и писмото што го зборуваат најмалку  20% од граѓаните во таа општина.

При  спроведувањето  на  локалните  избори,  подносителот  на  листите  од  Изборниот законик  во  единицата  на  локалната  самоуправа  во  која  најмалку 20%  од  граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик, поднесувањето на листите на кандидати, односно листа на кандидати за градоначалник се врши на јазикот и писмото што го употребуваат граѓаните во таа единица на локалната самоуправа.

При  спроведувањето  на  парламентарните  избори,  подносителот  на  листите  од Изборниот законик во изборните единици во кои најмалку  20% од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик, поднесувањето на листите на кандидати се врши покрај на македонски јазик и неговото кирилско писмо и на јазикот и писмото што го употребуваат граѓаните во таа единица на локалната самоуправа.

Упатството  за  гласање  издадено  од  Државната  изборна  комисија  е  печатено  на македонски  јазик  и  неговото  кирилско  писмо  и на  јазиците  и писмата  на заедниците наведени во Преамбулата на Уставот на Република Македонија.

Гласачкото ливче се печати на македонски јазик и неговото кирилско писмо.

Името  на  подносителот  на  листата,  името  и  презимето  на  кандидатот,  односно носителот на листата се пишуваат на македонски јазик и неговото кирилско писмо. За припадниците на заедниците, името на подносителот на листата и името и презимето на кандидатот, односно носителот на листата се пишуваат на македонски јазик и неговото кирилско писмо и на јазикот и писмото на заедницата на која тие припаѓаат.

ЛИЧНИ ДОКУМЕНТИ

На граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик, образецот на  личната  карта  се  печати  и  на  службениот  јазик  и  писмото  што  го  употребува граѓанинот.

На  граѓаните  кои  зборуваат  јазик  различен  од  службениот  јазик,  на  нивно  лично барање, податоците за личното име што се внесуваат во личната карта се запишуваат на македонски јазик и неговото кирилско писмо и на јазикот и писмото што го употребува граѓанинот.

Обрасците на патните исправи и на визите се печатат на македонски јазик и неговото кирилско писмо, со превод на англиски и француски јазик и нивното писмо. На граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик, образецот на  личната  карта  се  печати  и  на  службениот  јазик  и  писмото  што  го  употребува граѓанинот. На  граѓаните  кои  зборуваат  јазик  различен  од  службениот  јазик,  на  нивно  лично барање, податоците за личното име што се внесуваат во личната карта се запишуваат на македонски јазик и неговото кирилско писмо и на јазикот и писмото што го употребува граѓанинот.

Обрасците на патните исправи и на визите се печатат на македонски јазик и неговото кирилско писмо, со превод на англиски и француски јазик и нивното писмо.

Матична евиденција

Матичните книги се водат на македонски јазик и неговото кирилско писмо.

Во подрачјата на единиците на локалната самоуправа во кои најмалку 20% од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик, образецот на матичните книги се печати и податоците во него се запишуваат на македонски јазик и неговото кирилско писмо и на службениот јазик и писмото што го употребува граѓанинот.

Изводите што се издаваат врз основа на матичните книги од ставот 2 на овој член се издаваат на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на службениот јазик и писмото што го употребува граѓанинот.

Полициски овластувања

При примената на полициските овластувања повикување, приведување и задржување, полицискиот службеник мора веднаш да го извести лицето на јазик што го разбира, за причините за повикувањето, приведувањето или задржувањето и на јасен начин да го поучи за правото да молчи, правото да се советува со бранител, правото на бранител за време на полициската постапка, правото на лекарска помош ако тоа лицето го бара, како и за правото да се извести член на неговото семејство или нему блиско лице.

Радиодифузна дејност

Советот   за   радиодифузија   покрај   критериумите   предвидени   во   Законот   за радиодифузната дејност пријавите ги оценува и   врз основа на жанровската и тематската разновидност на програмските содржини, процентот на учеството на програмите изворно произведени на македонски јазик или на јазиците на немнозинските етнички заедници кои живеат во Република Македонија во вкупната дневна програма што се планира да се емитува, застапеноста на програмите што ќе третираат настани и случаи од значење за
подрачјето на кое ќе се емитува програмата и застапеноста на европските аудиовизуелни дела.

Радиодифузерите  се  должни  дневно  да  емитуваат  најмалку  30%  програма  изворно создадена на македонски јазик или на јазиците на немнозинските заедници кои живеат во Република Македонија, при што во дневното време на емитување не се смета времето одредено за вести, спортски настани, игри, рекламирање, телетекст и телешопинг услуги.

Инфраструктурни објекти

Име  на  улица,  плоштад,  мост  и  на  друг  инфраструктурен  објект  се  пишува  на македонски јазик и неговото кирилско писмо.

Во општината во која најмалку 20% од граѓаните користат друг службен јазик различен од македонскиот јазик, името на улицата, плоштадот, мостот и на друг инфраструктурен објект, покрај на македонски јазик и неговото кирилско писмо, се пишува и на јазикот и писмото што го користат најмалку 20% од граѓаните во таа општина.

Локалната самоуправа

Во општините службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо.

Во  општините  службен  јазик  покрај  македонскиот  и  неговото  кирилско  писмо  е  и јазикот и писмото кои го користат најмалку 20% од жителите на општината. За употребата на јазиците и писмата на кои зборуваат помалку од 20% од жителите на општината одлучува советот на општината.

Во градот Скопје службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. Во градот Скопје покрај македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, службен јазик е и јазикот и писмото што го користат најмалку 20% од жителите на градот Скопје.  За употребата на јазиците и писмата на кои зборуваат помалку од 20% од жителите на градот Скопје, одлучува Советот на градот Скопје.

Прописите кои се однесуваат на употребата на јазиците и писмата на кои зборуваат помалку од  20% од жителите на градот Скопје, се усвојуваат со мнозинство гласови од присутните членови на Советот на градот Скопје, при што мора да има мнозинство гласови од присутните членови на Советот кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство жители во градот Скопје.

Во  општините  во  градот  Скопје  службен  јазик  е  македонскиот  јазик  и  неговото кирилско писмо. Во општините во градот Скопје покрај македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, службен  јазик  е  и  јазикот  и  писмото  што  го  користат  најмалку  20%  од  жителите  во општината. За употребата на јазиците и писмата на кои зборуваат помалку од 20% од жителите во општините во градот Скопје одлучува советот на општината.

Економија

Фирмата на трговското друштво гласи на македонски јазик, со кирилско писмо. Фирмата на трговското друштво со седиште во единица на локалната самоуправа во која најмалку 20% од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот, може да гласи и на тој јазик и се употребува само заедно со натписот во фирмата на македонски јазик, со кирилско писмо.

Трговецот  ги  води  трговските  книги  на  македонски  јазик,  со  арапски  цифри  и  со вредности изразени во денари. Ако користи кратенки, кодови, знаци или симболи, тој мора јасно да го објасни нивното значење.

Трговецот со седиште во единица на локалната самоуправа во која најмалку 20% од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот, трговските книги ги води на македонски јазик, а може да ги води и на тој јазик.

Образование и наука

Воспитно-образовната работа во основното училиште се изведува на македонски јазик и кирилското писмо.

За припадниците на заедниците кои следат настава на јазик различен од македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, воспитно-образовната работа се изведува на јазикот и писмото на соодветната заедница на начин утврден со овој закон. Учениците  задолжително го изучуваат и македонскиот јазик.

Наставник, стручен работник и воспитувач во основно училиште во кои наставата се  изведува  на  јазик  различен  од  македонскиот  јазик,  освен  наставниците  по  предметот македонски јазик треба да го познаваат и јазикот и писмото на кој се изведува наставата.

Наставата на високообразовните установи се изведува на македонски јазик.

Припадниците  на  заедниците  заради  изразување,  негување  и  развивање  на  својот идентитет и другите особености, имаат право наставата на државните високообразовни установи, по соодветни студиски програми и содржини да ја изведуваат на јазикот на заедницата, различен од македонскиот јазик, во согласност со овој закон и статутот на високообразовната  установа.  Финансирање  од  страна  на  државата  ќе  се  обезбеди  за високото образование и на јазикот на којшто зборуваат најмалку 20% од населението во Република Македонија.

Наставата  на  државните  педагошки  високообразовни  установи  за  образование  на воспитувачи за предучилишно воспитание и наставници за основно образование, како и по дидактичко – методичките предмети за наставници за средно образование, може да се одвива и на јазиците на припадниците на другите заедници кои не се мнозинство во Република Македонија.

Култура

Министерството  за  култура  за  остварување  на  националниот  интерес,  согласно  со Националната  програма, распишува јавни конкурси за проекти што се од национален интерес, во мај во тековната година за наредната година.

Конкурсите се објавуваат во средствата за јавно информирање и траат 30 дена од денот на објавувањето. Конкурсите се објавуваат најмалку во по еден од весниците што се издаваат на македонски јазик и весниците што се издаваат на јазикот што го зборуваат најмалку  20% од граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик.

Плакетата  доделена  согласно  со  Законот  за  култура  на  добитниците  на  титулата амбасадор  на  културата  на  Република  Македонија,  на  припадниците  на  етничката заедница која е над 20% во Република Македонија, освен на македонски јазик се доделува и на јазикот кој го зборува припадникот на таа заедница.

Објавување на акти

Законите се објавуваат и на друг службен јазик и писмо што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните кои припаѓаат на заедниците во Република Македонија.

pravdiko.mk