Денеска во просториите на Сојузот на синдикатите на Македонија се одржа прес – конференција во пресрет на Меѓународниот ден на трудот 1ви Мај, на која Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија Слободан Трендафилов го најави протестот кој ќе се одржи на 1ви Мај и изјави:
“Меѓународниот ден на трудот 1-ви Мај е денот кога не се поканува, туку се доаѓа. Денот, кога работниците, односно правите синдикати насекаде во светот излегуваат на протест и на демонстрација. Денот, кога работниците треба да бидат најгласни. Денот, кога работниците треба да излезат на улица рамо до рамо и да покажат дека неправадата која ја толерираат цела година можат јасно и гласно да ја искажат и да се спротистават на истата заедно со синдикатите, изјави Трендафилов.
На протестот покрај другото, ќе ги истакнеме Барањата кои се главни изминатиот период, а тоа е незголемувањето на минималната плата од страна на Владата и од страна на работодавачите како егзистенцијално право на работниците затоа што повеќе од 260.000 работници во Македонија според последните податоци на Управата за јавни приходи живеат со примања под 600 евра односно толку колку што работниците бараат да изнесува минималната плата во Македонија. Тоа е 50% од работната сила во Македонија која прима плата под 600 евра и затоа овие работници да не не среќаваат на улица и да ни се жалат, да не ни праќаат пораки и да ни се жалат , туку да застанат со нас рамо до рамо и да покажат дека се незадоволни од висината на работничките плати, од висината на платата која ја носат нивните семејства, а особено поради тоа што со мизерното усогласување на минималната плата за 1,667 денари во месец март оваа година, како и зголемувањето на вредноста на Синдикалната минимална кошница за 3,304 денари од почетокот на годината покажува дека едно семејство доколку двајцата работници се на минималец им недостасува некоја стотка за да ги овозможат најосновните прехрамбени услови за живот на своето семејство. Тоа е поразителен податок за сите кои креираат политики, за сите работодавачи во Македонија и за сите други чинители во општеството.
Денес и колективните договори се под напад и покрај тоа што голем дел број на грански синдикати здружени во ССМ успеаа да издвојуваат победа во борбата за зголемување на платите на нивните колешки и колеги, односно потпишаа колективни договори на ниво на работодавач во голем број како во јавниот, така и во приватниот сектор. Можноста за укинување на еден колективен договор како Колективниот договор на култура кој е по Иницијатива пред Уставниот суд е можност да предизвика домино ефект за укинување на сите колективни договори во кои се предвидува начин на пресметка на плата. Тие не ја почитуваат платата на вработените особено во јавниот сектор просечна плата по коефициент за сложеност предвидена во Општиот колективен договор, а сакаат да укинат минимална плата по коефициент за сложеност во дејноста култура што се разбира дека понатаму ќе предизвика финансиски импликации кај сите работници затоа што борбата за спас на тој колективен договор е борба за спас на сите колективни договори.
Македонските работници заминуваат од дома секое утро на работа, се поздравуваат со своите семејства и не знаат дали ќе се вратат дома. Последниот катастрофален случај со загубувањето на животот на еден работник и неколку други повредени на градилиште во Скопје мислам дека треба да го пробуди алармот кај сите, особено кај инспекциските служби и особено кај оние кои треба да овозможат поголем број на инспектори и поголем број на инспекциски надзори за да се спречат вакви катастрофи. Податоците кои покажуваат дека голем број на наши сограѓани ги губат своите животи на своите работни места, а нивната смрт чини помеѓу 5 и 10 илјади евра заради тоа што биле осигурани, сметаме дека е пораз за едно општество, а Македонија како држава да биде најцрната точка можеби на картата во Европа по смртни случаи на своите работни места и по повреди на работните места поради непревземање на услови и посебни мерки за заштита и безбедност и здравје при работа. Овие три прашања не се само прашања кои лебдат во воздухот, ова се човечки судбини, ова се судбини кои ги живеат работниците секојдневно..
Затоа, ги повикуваме работниците, ќе имаат време и за продолжен викенд во 11:00 часот од пред Работничкиот дом на ССМ да ни се придружат во што е можно поголем број доколку тие сметаат дека треба да го кренат гласот за својата плата. Еден познат човек рекол: “Aко не се буните, немате право ни да се лутите” , затоа што го губите правото, а другата страна односно власта и работодавачите сметаат дека колку работници ќе дојдат на толку работници им е потребно зголемување на платата и толку работници не се задоволни од платата.
Сојузот на синдикатите на Македонија оваа година покажа дека 1ви Мај не е само еден ден. Ние протестиравме веќе месеци наназад. Организиравме Голем протест во јануари и во месец март, Синдикатот на култура организираше два протести во нивната дејност, организиравме три блокади и веројатно и по 1ви Мај ќе следуваат и нови протести доколку тоа го побараат работниците од нас, затоа што уште на 4-ти мај односно првиот работен ден по продолжениот викенд сите оние кои ќе заминат на продолжен викенд, а ќе одлучат да не се придружат на работничкиот протест ќе ги удри суровата реалност во глава затоа што повторно ќе примаат мизерни плати на почетокот на месец мај и нема да им стигнат да врзат крај со крај, односно по 15ти во месецот ќе се чудат дали со помош на некоја магија или некои други помошни средства за да го избуткаат месецот до 31ви.
Сојузот на синдикатите на Македонија покажа дека не се плаши, дека и еден човек на 1-ви Мај да излезе на протестот ние ќе бидеме на улица, а започнуваме од пред Работничкиот дом во 11:00 часот, потоа продолжуваме пред Собранието, Стопанската комора и Владата каде што ќе ги упатиме пораките.
Еден протест, еден штрајк и една блокада не менуваат ништо, но помагаат во синдикалната борба затоа што минатата година кога вработените во управата и правосудството започнаа протести никој од нив не веруваше дека само за 12 месеци ќе успеат да обезбедат зголемување на нивните плати за најмалку 14% и наместо за 3.000 работници тие се изборија за 11.000 работници.
Работничката борба е маратон, а не спринт и затоа ги повикувам сите да не се обесхрабруваат, туку да продолжат да се борат за своите работнички права, за работничките права на своите најблиски затоа што ниту пензиите, ниту платите во Македонија се доволни, а гледаме дека платите и пензиите не се основниот виновник за зголемување на инфлацијата која е реалност во Македонија и која уште повеќе го усложнува и го прави животот да биде да биде потежок.
1-ви Мај е денот кога излегуваме на улица рамо до рамо, кога не одиме на пикник и кога не одиме на продолжен викенд.”
ДА ЖИВЕЕ 1ВИ МАЈ!


