Вести Став Ударни вести

Три клучни прашања во врска со COVID-19 – Том Фрајден

Сподели:

 

Специјалистите по јавно здравје во Соединетите Држави и во светот мора пред сѐ да се фокусираат на прибирање повеќе информации за тоа како се шири COVID-19 вирусот и кои сегменти од населението се најзагрозени. Давањето одговор на овие прашања што е можно поскоро е веќе прашање на живот и смрт.

 

Том Фрајден (Tom Frieden)

Единствената и најважна компонента на ефективното реагирање на пандемијата на COVID-19 е брзото користење на податоци. Јас неодамна потенцирав 19 суштински празнини во податоците во врска со новиот коронавирус. Имајќи предвид дека COVID-19 вирусот продолжува забрзано да се шири во Соединетите Држави и насекаде, Американскиот центар за контрола и спречување на болестите (CDC) како и другите стручни лица во делот на јавното здравје мора веднаш да одговорат на три конкретни прашања.

Прво, дали луѓето кои немаат симптоми и децата го шират коронавирусот?

Ако сакаме да знаеме кого треба да тестираме и кого да ставиме во карантин, од суштинска важност е да разбереме дали луѓето кои не покажуваат симптоми (кои се асимптоматски) го шират вирусот. Ако децата не учествуваат со значителен дел во оние кои го шират овој вирус, како што е тоа случај со сезонскиот грип, тогаш има многу помалку причини да ги затвораме училиштата, и дека оние кои се затворени ќе можат мошне брзо да се отворат. Иако се чини дека децата под 18 годишна возраст значително помалку се разболуваат од новиот вирус, тие сепак е можно да ја шират инфекцијата. Потребно е да знаеме колкав ризик претставуваат инфицираните деца за постарите лица и за оние лица околу нив кои се здравствено поранливи, особено затоа што многу од овие луѓе би биле повикувани да ги згрижуваат децата во време кога се затворени училиштата.

Истражувањето на ризикот од ширење поради контакти од пациенти кои никогаш не покажале симптоми, или од пациенти кои подоцна покажуваат симптоми, може да даде одговори на ризиците од негово ширење од страна на асимптоматските луѓе. Специјалистите по јавно здравје треба да ги истражат групите на случаи и да утврдат колку од нив имаат дете како индексен (прв) случај. Дали овој процент е помал од она што статистички би се очекувало? Исто така, во семејството и во други групи, дали има „синџири“ на пренесување кои започнуваат со децата?

Второ, на кој начин се шири вирусот во болниците?

Итно е потребно да ги заштитиме здравствените работници и да ги заштедиме драгоцените ресурси за контрола на инфекцијата со цел да го одржиме или прошириме капацитетот да овозможиме интензивна нега за оние пациенти на кои им е потребна. На пример, иако заразата со COVID-19 многу брзо се шири на пациенти и на болничкиот кадар во Вухан, Кина, како и во Северна Италија, Сингапур нема ниту една инфекција на здравствен работник а има дијагностицирано речиси 250 случаи (еден од заразените е контакт кој не се случил во медицински услови). Негата за еден сериозно болен пациент во Сингапур, вклучително интубација и интензивна нега и тоа пред да биде дијагностициран, доведе до изложеност на вкупно 41 здравствен работник од кои повеќето користеа само обични хируршки маски – и никој од нив не се зарази.

Веројатно е дека бројот на случаи со коронавирус ќе биде поголем од капацитетите за снабдување со заштитна опрема за стручните здравствени лица, така што мора да знаеме кои работи се најважни. На пример, во најголем број случаи обичните хируршки маски можеби се доволни за заштита на здравствените работници, освен онаму каде постои ризик од аеросолизација (на пример, при бронхоскопија, интубација и сл.).

Истражувањето на пренесувањето на коронавирусот во болници и домови за нега може да ги идентификува изворите и патиштата на ширење на вирусот. Ова би ни помогнале да утврдиме најдобри пракси за заштита на здравствените работници и на други пациенти во опкружувања во кои има на располагање многу ресурси или каде ресурсите се минимални.

Трето, кој е најверојатно дека би починал од COVID-19?

За да се намалат заболувањата и смртните случаи кај луѓето кои се инфицирани со вирусот, друг висок приоритет мора да биде заштитата и давањето услуги на оние луѓе кои е најверојатно дека би заболеле мошне сериозно ако бидат инфицирани – па во таа смисла и кои лица треба да останат дома и да избегнуваат контакти со други, до максимален можен степен. Иако постарите лица и оние кои се хронично болни се изложени на најголем ризик од овој вирус, ние не ја знаеме точната возраст на која овој ризик се зголемува, ниту степенот до кој специфичните коморбидитети го зголемуваат тој ризик. На пример, ако лице на 62 годишна возраст кое има хипертензија (но е под добра контрола) не е изложено на зголемен ризик, како што и изгледа дека е случај, во тој случај можеме да ги насочиме ресурсите кон оние луѓе на кои најмногу им се потребни.

Анализата би требало да ги опфати само пациентите кои биле дијагностицирани најмалку 30 дена претходно, и да се пресмета морталитетот по возраст, родова припадност и здравствена состојба. Ова би укажало кои состојби прогнозираат сериозни заболувања – на пример дебелина, хипертензија, дијабетес (двата вида), употреба на одредени лекарства или други фактори.

Овие студии можеби веќе се во тек – нешто на што најискрено се надевам. Реакцијата на американското здравство на она што се случува со коронавирусот во најголем дел беше уназадена со потребата за постапување со инфекциите на крузерот и од враќање на патниците. Од суштинска важност сега е специјалистите по јавно здравје во CDC и сите останати да се фокусираат на добивањето одговори на овие и на други суштинско важни прашања. Ако брзо реагираме на податоците, ќе можеме да обмислиме и имплементираме мерки со кои ќе се спречи понатамошното шиење на овој вирус, да ги подобриме изгледите кај оние кои се заразени и да го намалиме негативното влијание врз општеството.

Имањето добри податоци за COVID-19 е вреден ресурс. Давањето одговор на епидемиолошките прашања не е само со цел да се задоволи интелектуалната љубопитност, туку знаењето кое го стекнуваме може да направи разлика во тоа дали некој ќе преживее или не. Сега сме во фаза во која секоја минута е важна.

 

Том Фрајден е поранешен директор на американските центри за контрола и превенција на болести на Соединетите Држави и поранешен директор на Секторот за здравство на Градот Њујорк. Сега е претседател на глобалната непрофитна иницијатива Resolve to Save Lives во рамките на пошироката иницијатива за Vital Strategies, како и научен соработник за глобално здравје во Советот за односи со странство.

Copyright: Project Syndicate, 2020.
www.project-syndicate.org

 

respublica.edu.mk

Сподели: