Вести Македонија

Уставниот суд укина одредби од Законот за административни службеници

Сподели:

Уставниот суд на Република Македонија на денешната седница укина одредби од Законот за административни службеници, кои се однесуваат на проверката на веродостојност на докази и интервју, како и одлуката на Владата за утврдување на додатокот на плата на административниот службеник.

Укинати се ставовите 4 и 5 на членот 42 од Законот, со кои се предвидува дека доколку надлежните органи утврдат вина на кандидатот за доставување на лажни докази, се должни во рок од 30 дена да ја известат Агенцијата за администрација, при што кандидатот се евидентира во Агенцијата и не може да се вработи како административен службеник во период од 10 години од денот на неговото евидентирање во Агенцијата.

 Со ставот 5 од овој член се пропишува дека доколку надлежните органи не утврдат вина на кандидатот за доставување на лажни докази, се должни во рок од 30 дена да ја известат Агенцијата за администрација, при што кандидатот се брише од евиденцијата на Агенцијата и има право да се пријави на следните јавни огласи.

Судот го укина и ставот 3 на членот 91 од Законот, кој вели дека доколку Владата оцени дека додатокот на плата го постигне саканиот ефект на вработливост и задржливост, ќе донесе одлука со која ќе го утврди износот на додатокот и датумот од кој истиот ќе влезе во сила.

Судот денеска ја отфрли иницијативата поднесена од група професори од Битола која се однесува на одредби од Законот за средното образование во делот во кој се предвидува дека ученикот кој е незадоволен од резултатите од тестот за екстерно оценување има право да поднесе приговор до училишната комисија, затоа што тие одредби веќе не се во правниот поредок.

На денешната седница не беше поведена постапка за иницијативите поднесени на одредби од Законот за девизното работење и Законот за вршење на услуги брз трансфер на пари од членот 3 став 2 од Законот за девизната инспекција, како и за одредби од Законот за акцизите.

Сподели: