Вести Македонија Став

Вистиномер: Од 2014 регистриран највисок ценовен раст – 2021 беше година на скапотија

Сподели:

 

Раст на цените на мало за цели 6 отсто во декември 2021 година во однос на истиот месец од 2020 година. Трошоците на живот зголемени за 4,9 отсто. Овие вредности се највисоки што се регистрирани во месец декември од 2014 година до сега. Светските анализи покажуваат дека и годинава се очекува раст на цените на металите и на храната, пишува „Порталб.мк“. Домашните прогнози упатуваат на ценовна стабилизација во втората половина од оваа година.

 

Цените на храната и на металите ќе растат – нафтата ќе поевтинувa

Масовната имунизација, брзото ширење на новиот вид „омикрон“ и состојбата со цените на електричната енергија во светски рамки се клучните фактори кои ќе ја детерминираат оваа нова економска година. Од нив ќе зависи дали ќе започне процес на посилно економско заздравување или ќе следуваат нови рестрикции кои ќе бидат вовед во нова кризна епизода која повторно ќе донесе ценовно цунами.

Главниот надолен ризик и натаму е поврзан со идниот тек на пандемијата, при што постои загриженост дека незадоволителната динамика на процесот на масовна вакцинација на глобално ниво и евентуалната неефикасност на постојните вакцини за новите соеви на корона-вирусот, особено во услови на глобално ширење на новиот сој „Омикрон“, би можело да доведе до воведување построги рестриктивни мерки, влошување на глобалните трговски текови и до поизразено нарушување на глобалните синџири на снабдување. Дополнителен ризик претставува и евентуалното предвремено и поизразено затегнување на монетарната политика во развиените земји, со неповолни ефекти и врз брзорастечките високозадолжени земји, се наведува во најновото истражување на Народната Банка.

Еден од клучните ризици ќе биде и битката со енергетската криза – доколку продолжи трендот на раст на светските енергетски цени поради дисбалансот меѓу понудата и побарувачката тоа, според НБРСМ, би имало негативен одраз врз закрепнувањето на глобалната економска активност. И ценовниот раст на основните – примарни производи ќе биде фактор на ризик.

За 2021 ‒ 2022 година се очекува главно повисок раст на цените на примарните производи, додека за 2023 година се очекува дека најголемиот дел од нив ќе забележат поголем ценовен пад. Сепак, движењата и оцените за цените на примарните производи се исклучително променливи и тековно се под влијание на случувањата поврзани со пандемијата на ковид-19, што создава поголема неизвесност околу нивната идна динамика и ефектите врз домашната економија, и на краток, и на подолг рок, наведуваат од НБРСМ.

Кај енергенсите се очекува намалување на цената на нафтата – но како резултат на очекувањата за намалена побарувачка поради брзото ширење на новиот вид на коронавирус – омикрон. Но оваа година се очекува натамошен раст на цените на металите.

И понатаму се очекува раст на цената на никелот и бакарот, посебно изразен во 2021 година, се наведува во истражувањето на НБРСМ.

Достигнат ценовен „пик“ – стабилизација во втората половина од 2022 г.

Повисоки трошоци за храна, за транспорт, култура, здравство, ресторани – сумираните податоци за 2021 г. покажуваат дека ланската година беше во знакот на ценовен раст. Во декември 2021 г. во однос на истиот месец од 2020 г., индексот на трошоците на живот е зголемен за 4,9 отсто, а на цените на мало за 6 отсто.

 

Ланската 2021 г. во однос на 2020 г. преку индексот на цени на мало била поскапа за 4,3 отсто, а преку трошоците на живот за 3,2 отсто. Според анализите од домашните институции, ценовна стабилизација се очекува во второто економско полугодие. Од Народната банка, задолжена да ја одржува стабилноста на курсот на домашната валута, велат дека состојбата будно се следи и дека засега нема потреба од мерки кои би воделе кон заострување на монетарната политика.

Неизвесноста поврзана со ценовните промени и понатаму е нагласена, согласно со неизвесните економски ефекти поврзани со развојот и справувањето со пандемијата, како и од зголемената неизвесност на светските пазари на енергенси. Доколку растот на цените е од продолжен карактер и позначително влијае на инфлациските очекувања, Народната банка е подготвена за соодветна реакција со инструментите со кои располага, било заклучено на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка.

Според сегашните владини проекции, годинава инфлацијата треба да се стабилизира на 2,4 отсто. Оваа 2022 година започна со зголемени цени на парното греење, на електрична енергија и на нафтените деривати. Во новата економска година се прелеа и трендот на пораст на цените на недвижностите.

vistinomer.mk

Сподели: