Владата и Американската амбасада жалат за пропустот со химната

Сподели

 

По извинувањето на Тамара за пропустот со химната, од Владата соопштуваат дека станува збор за ненамерна грешка, во врска со интонирањето на македонската химна вчера во Американската амбасада во Скопје од Тамара Тодевска, која ги изостави стиховите во кои се споменуваат имињата на Гоце Делчев, Питу Гули и Јане Сандански.

“Владата го честита националниот празник Ден на независноста на САД и на американскиот народ. Убавите манифестации кои Амбасадата на САД по овој повод ги организира секоја година се одлична можност за оддавање меѓусебна почит и за продлабочување на соработките меѓу двете земји и народите на двете земји. Владата доби известување од Амбасадата на САД и од изведувачката на химната Тамара Тодевска дека станува збор за ненамерна грешка при изведување на химната, како и уверувања за највисоко ниво на почит кон македонските традиција и херои“, се  наведува во соопштението од Владата.

И Амбасадата на САД во Скопје и се извинува на македонската јавност за пропустот со изведувањето на химната на Македонија, откако Тамара Тодевска не ја испеа строфата во која се споменуваат Гоце Делчев и другите национални херои.

„САД имаат длабока почит кон традициите, историјата, хероите и иднината на нашиот пријател, партнер и сојузник Северна Македонија. Им благодариме на нашите пријатели и колеги за славењето на нашата независност со нас минатата ноќ. Ние разбираме дека грешките може ненамерно да се случат во емотивни моменти, но им се заблагодаруваме на нашите пејачи за нивните прекрасни изведби“, гласи соопштението на американската амбасада.