Жерновски: Добиваме нови 6 милиони долари по основ на сукцесијата од поранешна СФРЈ

Сподели

 

По четири годишна пауза, денеска во Загреб се одржа 5-от состанок на Постојаниот мешовит комитет за примена на Спогодбата за сукцесија на поранешна СФРЈ, на којашто Високите претставници од државите сукцесори ја анализираа примената на сите анекси кои се составен дел на Спогодбата и ги разгледаа другите релевантни прашања во врска со овој процес, а особено прашањата за поделба на средствата во мешовитите банки.
На овој состанок учествуваше заменик министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски, кој е назначен за висок претставник на Република Северна Македонија во овој Комитет.
Високите претставници од државите сукцесори, застапувајќи ги интересите на своите држави, настојуваа на состанокот да се постигне консензус за секое од прашањата кои беа предмет на дневниот ред, утврден со правилникот за постапување на Комитетот.
Заменикот министер Жерновски на состанокот го изнесе интересот на Република Северна Македонија за доследна примена на претходно усвоените препораки на овој Комитет, инсистирајќи да се забрза процесот на поделба на дипломатско- конзуларниот имот на поранешна СФРЈ, потоа да се разгледаат и да се уредат прашањата со распределба на финасиските обврски и побарувања на поранешна СФРЈ, да се интензивира процесот на поделба на архивите, како и генерално да се унапреди и забрза работата на овој комитет како надлежен за ефикасна имплементација на Спогодбата за прашањата на сукцесијата.
Жерновски истакна дека постојат евидентни резултати по однос на примената на Анексот Б, кој се однесува на поделбата на дипломатско-конзуларните имоти на поранешна СФРЈ. Република Северна Македонија очекува добивка од околу 4 милиони САД долари од продажбата на објектот на резиденцијата на СФРЈ во Њујорк, објектот на Амбасадата на СФРЈ во Бон, Берн и Мисијата на СФРЈ во Њујорк.
“Ме радува податокот дека пред една недела е постигнат договор во рамките на Комитетот за Анексот В, за поделба на депозитите во “Адриа Банка” во Виена. Учеството на Р. Србија во депозитите е намалено од 38% на 20%, на сметка на претходно еднострано користење на депозити од оваа Банка. Република Северна Македонија се очекува да добие околу 2  милиони САД  долари од оваа распределба”, изјави Жерновски.
На предлог на ЗМНР Жерновски и македонската делегација, постојаниот мешовит комитет на овој состанок усвои неколку препораки до Владите на државите сукцесори поврзани со активностите кои треба да се преземат заради унапредување на примената на Спогодбата за прашањата на сукцесијата.