Вести Изјави Македонија Топ теми Ударни вести

Управни одбори на јавни претпријатија генерираат загуби, а имаат повисоки плати од претседателот

Сподели:

 

Претседателот на Владата Димитар Ковачевски, во интервју за ТВ 21 истакна дека е отпочнат процес за реформа во администрацијата и дека веќе има пилот министерства каде што ќе започне реорганизација и унапредување на процесите.

„Веќе е отворен процес на усогласување на општиот колективен договор со цел за дефинирање прво на износ на средства кои што ќе бидат искористени за зголемување на платите, како и нова методологија за порастот на платите која што ќе овозможи и зголемување на продуктивноста во јавниот сектор“, рече Ковачевски.

„Тоа не значи априори дека некој ќе го загуби работното место, меѓутоа во секој случај значи оптимизација, значи унапредување на работењето, вреднување на најдобрите, зголемување на перформансите, бидејќи вие можете да барате цело време поголема плата, меѓутоа таа треба да биде поддржана со одредени перформанси“, објасни премиерот Ковачевски.

Премиерот Ковачевски нагласи дека заедно со процесот за постигнување на нов општ колективен договор се работи и на подготовка на нов закон за платите во јавен сектор.

„Во овој момент имаме членови на управни одбори што генерираат загуби, а коишто имаат поголеми плати од Претседателот на држава, од претседателот на Врховен суд и од претседателот на Владата. Јас како претседател на Владата побарав да ги достават менаџерските договори кои што ги имаат јавните претпријатија и добивме одговор дека тие биле строго доверливи менаџерски договори. Затоа на Комисија за економски систем на Владата доби задача да ги обезбеди овие договори со јасна задача: Во период до крајот на годината да се  изработи закон за плати, со сите потребни консултации, во кои ќе се знае во јавниот сектор која е највисоката плата и потоа да бидат усогласени другите плати“, посочи премиерот Ковачевски.

Тој дополни дека ова е начин применет во многу европски држави.

„Постои една голема неконзистентност кај платите кај раководниот кадар, меѓутоа и кај вработените во различни министерства. Се користат неревидираните општи колективни договори на различни гранкови синдикати коишто на различен начин ги дефинираат платите. Тоа треба да биде усогласено бидејќи е добро и за вработените, меѓутоа е добро и за зголемувањето на нивото на услуги кои ги даваат на граѓаните. Да не заборавиме платата во јавниот сектор ја плаќаат луѓето од приватниот сектор. Ние имаме 435 илјади вработени во приватниот сектор, кој што им плаќаат плата на 132 илјади од јавниот сектор“, посочи премиерот Ковачевски.

Сподели: