Оваа сабота ЈП Лајка слави шест години работа, илјадници средби, многу втори шанси и една заедничка цел – град во кој секое куче ќе има свое место, а одговорноста кон животните нема да биде исклучок, туку правило.
По повод роденденот, во сабота, 17 октомври 2026 година, од 12:00 до 15:00 часот, во Мамбо – Авионче, организиран е настан под мотото „6 години Лајка – Не славиме бројка, славиме промена.”
Подготвена е програма во која главните улоги им припаѓаат на кучињата, нивните приказни и на луѓето кои одлучиле да направат разлика.
Десет кучиња од Лајка ќе застанат пред вас, секое со своја приказна. Приказни кои потсетуваат дека бездомните кучиња не се појавуваат случајно и дека зад нивните судбини често стојат човечки одлуки, околности и пропусти.
Ревија на вдомени кучиња – Овојпат нема да ги оценуваме расата, изгледот или педигрето. Ќе ги славиме приказните за вдомувањето, довербата и животите што се промениле благодарение на една одлука. Заедно со Luna Pet Shop подготвуваме креативна работилница со боење и забавни активности за децата и нивните миленици. Ќе имате можност да ја погледнете и посебната изложба на цртежи од учениците на ООУ „Блаже Конески“ и ООУ „Кузман Јосифовски – Питу“. Децата ги нацртаа кучињата од Лајка и им дадоа едно важно ветување: „Ако си мое куче, никогаш нема да те напуштам,“ информираат организаторите за програмата.
Пријави се тука: https://forms.gle/4CTXf4GrrMKgJVY79


