AХВ: Вонредни контроли кај операторите со храна

Сподели

Агенцијата за храна и ветеринарство издаде налог и во моментов врши вонредна инспекциска контрола кај операторот со храна производител на леб и бели печива, по објавената фотографија на социјалните мрежи за еден од објектите на операторот, на која се гледа глодар на една од масите каде се послужува храна. Во рамки на законските надлежности, инспекциските служби на Агенцијата вршат проверка дали од страна на овој оператор со храна се почитуваат пропишаните општи и посебни барања за безбедност на храната, вклучително и тоа дали се спроведени мерките за дезинфекција, дезинсекција и дератизација.

Во рамки на идните планирани редовни и вонредни инспекциски контроли кои ќе ги спроведе Агенцијата во наредниов период кај операторите со храна, акцент ќе биде ставен и на контрола на спроведувањето на законската обврска за редовно вршење на дезинфекција, дезинсекција и дератизација на објектите каде се подготвува и послужува храна.
Агенцијата за храна и ветеринарство врши редовни инспекциски контроли и кај оваа категорија оператори со храна, а по потреба се преземаат и дополнителни, вонредни мерки за контрола.

Во првите 6 месеци од годинава извршени се вкупно 8.336 инспекциски надзори кај оператори со храна од неживотинско потекло, од кои кај пекарници, бурекџилници и трговци со леб и бели печива 1.027 контроли. Со контролите констатирани се пропусти од помал обем кои се однесуваат на имплементацијата на Добрите хигиенски и производни пракси или HACCP системот, како и по однос на несоодветно означување на производите. Инспекциските служби изрекле 156 наредби за отстранување на констатираните недоследности, даден е налог за 82 едукации, а изречени се и 2 времени забрани.

Со цел навремено преземање на мерки за заштита на здравјето на граѓаните, како одговорна институција за безбедноста на храната апелираме до граѓаните секоја недоследност да ја пријават до надлежните институции, на бесплатната телефонска линија за потрошувачите на Агенцијата за храна и ветеринарство 0800 3 22 22, лично, или на електронската пошта info@fva.gov.mk.