АВМУ: Правото на слобода на изразување е уставно загарантирано право

Сподели

 

По Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) реагира на Предлог-Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, кој се наоѓа во прва фаза на читање во Собранието на РСМ.

“Во врска со Предлог-Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета кој е во прва фаза на читање во Собранието на РСМ, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги потенцира дека повикувањето на одговорност за изразено „негативно мислење“, на начинот на којшто е дефинирано, е спротивно на сите демократски практики и може да предизвика медиумско самоцензурирање.

Можноста за санкционирање поради искажано негативно мислење остава простор за злоупотреба и казнување на медиумските професионалци. Новинарите се гласот на јавноста и тие честопати при вршење на својата работа упатуваат критика за одредени политики или појави во општеството и на тој начин поттикнуваат јавна дебата и придонесуваат за поголема одговорност, отчетност и транспарентност на претставниците на власта.

Правото на слобода на изразување е уставно загарантирано право и истото е гарантирано и со Европската конвенција за заштита на човековите права. Ова право ги опфаќа слободата на мислење и слободата на примање и пренесување информации или идеи, без мешање на јавната власт”, информираатн од АВМУ.