Вести Македонија Ударни вести

Д-р Крстески на Конференција на Меѓународниот архивски Совет во Рим

Сподели:

 

 

Меѓународниот архивски совет под мотото “Archives bridging the gap“, во Рим ја одржува 9-тата годишна конференција, на која учествуваат архивисти од целиот свет. На неа се расправа за актуелни прашања поврзани со архивското работење.

 

 

Оваа конференција е во организација на Меѓународниот архивски совет и на Генералната дирекција на архивите на Република Италија. Меѓународниот архивски совет (International on Archives – www.ica.org) е неутрална, невладина организација, финансирана од нејзиното членство, која над 70 години ги обединува архивските институции и архивистите од светот и има околу 2000 членови од 161 држава.

 

 

Меѓународниот архивски совет верува дека ефективното канцелариско и архивско работење е од суштинско значење за доброто управување, владеењето на правото, транспарентноста, зачувувањето на колективната меморија и за пристапот до информациите од страна на граѓаните.

 

 

На 9-тата годишна конференција на Меѓународниот архивски совет учествува и директорот на Државниот архив, д-р Емил Крстески, кој имаше можност да зборува за актуелната состојба во Државниот архив и за неговата перспектива и технолошки развој. Директорот, д-р Емил Крстески е дел и од состаноците на раководните тела на Меѓународниот архивски совет, на Генералното собрание на оваа организација, како и на состанокот на Извршниот одбор на Европскиот огранок на Меѓународниот архивски совет.

 

 

На конференцијата најмногу се дискутира за премостувањето на јазот помеѓу глобалното и локалното, јавното и приватното, правата и должностите, заради придонес во развојот на општествата во кои коегзистираат сите различни компоненти. Акцент се става и врз дигиталната трансформација на архивите, врз односот со локалните заедници, како и врз соработката на архивите во услови на војна и мир. На свеченото отворање на оваа меѓународна конференција, првпат пред членовите се обрати и новоизбраната претседателка на Меѓународниот архивски совет, г-ѓа Josée Kirps, директорка на Националните архиви на Луксембург.

Сподели: