Демонстрација на мисијата на НАТО за воздушно патролирање над Македонија

Сподели

 

Небото на Северна Македонија со официјалниот почеток на НАТО „air policing“ мисијата во нашата земја, и официјално стана дел од колективниот систем на Алијансата за воздушно патролирање. Реализацијата на „air policing“ мисијата во нашата земја е јасен приказ за функционирање на колективната одбрана на сите земји членки на Алијансата.

Мисијата за воздухопловно патролирање на нашето небо ја раководи Сојузничката воздухопловна команда на НАТО, тактичката контрола на мисијата е под раководство на Центарот за комбинирани воздухопловни операции во Торехон, Шпанија, а воздухопловните капацитети за реализација на оваа мисија се од грчкото воено воздухопловство. НАТО мисијата за воздухопловно патролирање на небото на Северна Македонија („NATO Air Policing“) е всушност продолжување на „air policing“ мисијата која Северна Македонија ја договори билатерално со Република Грција во септември 2019 година, но отсега под команда на Алијансата.

Денеска во касарната во Петровец ќе се одржи церемонија со која ќе се одбележи почетокот на оваа НАТО мисија, за чија реализација на 15 ноември беше потпишан и Технички аранжман. Во рамки на настанот, вклучен е НАТО авион од типот Авакс Е-3А, задолжен за командување и контрола, ловци на грчкото воено воздухопловство од типот Ф-16 и владиниот авион Лирџет.

На настанот ќе присуствуваат премиерот Зоран Заев, министри во Владата, пратеници во Собранието и претставниците на воено-дипломатскиот кор, а изјави ќе дадат министерката за одбрана, Радмила Шекеринска и командантот на Комбинираниот воздухопловен оперативен центар во Торехон, Шпанија, генерал потполковник Фернандо Де Ла Круз Каравака. Изјавите се предвидени по завршувањето на вежбата, односно околу 14.30 часот.