Алтернатива Настани

Фестивал на европска литература „BookStar“

 

Фестивалот на европската литература „BookStar“ (Книжевни ѕвезди) со своето петто издание ќе се одржи од 7 до 10 октомври во Младинскиот културен центар во Скопје. Под слоганот „Отаде“, фестивалот годинава го поставува прашањето: Што се наоѓа отаде сивата магливост по слушнатите приказни на црната и белата страна? Како секоја така и оваа година, организаторите ќе се обидат преку книжевноста да ги објаснат културолошките промени.

Фестивалот е во организација на издавачката куќа „Антолог“ од Скопје и е од социјално ангажиран карактер, а негова цел е да разбранува интерес кај пошироката јавност, нудејќи содржина што помага полесно да се разберат проблемите со кои се соочува општеството денес.

Различностите надвладуваат, па оваа година пред македонската публика ќе бидат претставени шест автори со спротивни заднини, тематики и интереси: Халдора Тородсен (Исланд), Михал Вивег (Чешка), Кадер Абдолах (Холандија), Евгениј Водолазкин (Русија), Слободан Шанјдер (Хрватска) и Марко Шелиќ Марчело (Србија) – кои ќе се обединат и заедно ќе дискутираат на темите опфатени во нивните романи: религија, националност, традиција, политика, сексуалност и вечно присутната желба за моќ. Отаде шизоидните наративи во секојдневјето, постојат личните приказни, кои најдобро сведочат за хаосот на идеологиите.

Фестивалот ќе биде отворен на 7 октомври во 19 часот, со поздравна реч на евроамбасадорот Самуел Жбогар, по што ќе биде претставена и првата гостинка Халдора Тородсен од Исланд со нејзиниот роман „Двојно стакло“, добитник на Европската награда за книжевност во 2017 година. Книгата ќе ја промовира Ана Мартиноска. По неа ќе биде промовиран романот „Воспитувањето девојки во Чешка“ од гостинот од Чешка, Михал Вивег. Неговиот роман ќе го промовира Јасна Котеска.

 

 

На 8 октомври, со почеток во 19 часот, ќе бидат претставени книгите „Бележникот на татко ми“ и „Куќата на џамијата“ од авторот Кадер Абдолах од Холандија. Книгите ќе ги промовира Мерсиха Исмајлоска. Потоа ќе бидат претставени и книгите „Лавр, Соловјов и Ларионов“ и „Авијатичарот“ од гостинот од Русија, Евгениј Водолазкин. Промотор на неговите книги ќе биде Венко Андоновски. Водолазкин е и годинашниот добитник на наградата „BookStar“ за книгата „Авијатичарот“, која ќе му биде доделена на последниот фестивалски ден.

На 9 октомври ќе има уште две промоции, вечерта е резервирана за балканските автори. Најавена е промоција на романот „Исцелување на светот“ од Слободан Шанјдер од Хрватска. Промотор на романот ќе биде Ана Стојаноска. По овој настан следува промоцијата на романот „Малтерего“ од гостинот од Србија, Марко Шелиќ Марчело. Романот ќе го промовираат Ѓоко Здравески и Иван Шопов.

Во рамки на дфестивалот се најавени две книжевни дискусии, „Да се биде европски романописец“ и „Во сенката на читателот“, како и работилница со Марко Шелиќ Марчело, познат на нашата јавност и како писател и како рап-музичар. На Фестивалот „BookStar“ за првпат ќе има можност овој супер кул уметник да настапи и да се дружи со млади луѓе од Македонија. Работилницата ќе се одржи на 8 октомври од 15 часот во „BookStar“ фестивалскиот центар.

Паралелно со фестивалот, ќе биде организирано петтото издание на Саемот на европската литература, каде што ќе може да се набават книги добитнички на Европската награда за книжевност и други книги од европски автори по намалени цени. Покрај организаторот „Антолог“, на саемот ќе земат учество уште и „Арт конект“, „Бата прес“, „Бегемот“, „Готен“, „Или-или“, „ПНВ публикации“, „Полица“ и „Три“.

Влезот на сите фестивалски настани е бесплатен и вратите се отворени за сите љубители на квалитетната европска литература.

Сподели: