Колумна Текстови

Големите штети на малиот диктатор

Кaлигула бил суров император на римската држава. Верувал дека ќе стане бог заменувајќи го богот Јупитер. Дури бил убеден дека е негова реинкарнација. За време на своето владеење се претворил воневидено чудовиште. Прво, го обезвалстил сенатот, погубувајќи бројни сенатори со цел да сее страв кај другите. За да ги понижи, тој својот коњ „Касач“ го назначил првин за конзул, а потоа за сенатор. Станал толку суров што еднаш наредил цели два реда од публиката во арената да се турнат долу за да ги изедат ѕверовите, оти му било здодевно.

Илјадници луѓе ликвидирал, па дури и својата баба. Ги убил својот зет и шура, а неговите две сестри избегаледалеку за да се спасат од смрт. За својот „божји“ статус наметнувал и посебни покорувачки ритуали кои пред тоа не постоеле -„бакнување на нозе“ итн.

Својата моќ ја демострирал и со скапи грандиозни градби, додека луѓето масовно умрирале од глад. Го изградил – Августовиот храм, Помпејовиот театар, амфитеатарот кај Септе, ја модернизирал Царската палата, го започнал аквадуктот „Аква Клаудија“ и “Анио Новус“. Дури од Египет го донел големиот обеликс познат како „Ватикански обеликс“ и го започнал храмот Аполон од невидени размери. А народот се повеќе страдал. Поради својата суровост, тој сурово бил ликвидиран токму од своите најблиски луѓе.

Некако ова ми е познато, дури тука во мојата близина (просторно и временски). Се подигнаа високи споменици за да луѓето изгледаат толку мали, ситни и понижени. Со години граделе нивни високи кули, рушејќи ги нашите животи. Се догради парламентот, ама и се обезвласти и се претвори во храм на измеќари и послушници. Се изгради зградата на Уставниот суд заУставот да се претвори во тоалет хартија. Се изгради Триумфалната порта за да означи триумф на вековното лудило.Се градеа разновидни безвредни „мавзолеи“, а многу коњи беа назначени за сенатори, министри, пратеници, судии, амбасадори итн. Кога коњи водат политика, државата се претвора во штала.А во позадината на шталата криминалот на- Актор, Злетовица, Синохидро, Сончев град, плацеви, Македонска банка, Загорац, споменици, јавни згради, тендери и што не, поврзани со Кипар, Лугано, Белизе, Кара, Сирах, партиско перење пари и многушто друго, што сега се истражувасериски со буквата „Т“.

Имало и многу рекети, уценувања, малтретирања, протерувања, затворања, па и убивства, а ние се однесувавме садистички или рамнодушно кон сопствената беда. Врвот на безумието беше обидот за државен удар. Тоа покажува каков примитивен и игнорантен ум управувал со државата!Ум на пијани пирати кои државата ја доведоа до „Титаник“.Но, има разлика, оти таму настрадаа 1.500 случајни патници, а овденастрадаа милиони изнапатени неслучајни луѓе. Милион души станаа жртва намала група бездушници, чии мали мозоци чинеа големи злодела од арсеналот – лудилото во сто чекори.А умноболните од Советот на јавни обвинители уште се фалат со „совршен“ јавен обвинител. Изгледа криминалното совршенство им служа како утеха во нивната беда. Преостанува да видиме можеби и Шутка ќе бил „совршен“ затвор.

Економски пустош, задолжувања…
Да се потсетиме дека во 2006 година кога се смени власта, државата требаше да ги започне преговорите за зачленување во ЕУ, за во 2011 година да стане полноправна членка. Таа беше лидер во регионот, оти Србија по десет години војувања и санкции беше на колена со просечна пензија од мизерни 32 евра. БиХ беше во болничка количка со 200 илјади жртви и милион и пол расселени. Црна Гора и Косово уште не беа држави, а Албанија тек преговараше за процес – асоцијација и стабилизација. Бевме и пред Хрватска, оти таа имаше проблем со Словенија, но таа мудро го надмина тој проблем. И сега сме на самото дно во друштво на најсиромашните држави на светот и со три пати повисок долг во споредба со 2006 година! На институциите сега им треба клиничка реанимација, ама тоа не му пречи на бившиот премиер без да се зацрвени да бара брзо зачленување во НАТО и ЕУ, претпоставувам со логистичката поддршка на Мирка, Латас, козарот, бурекџијата…

Додека ние се движевме назад, Србија стана лидер во регионот и сега води преговори за полноправно членство со ЕУ, а просечната плата е пораснатана 410 евра. БиХ веќе стаса на 431 евра(околу 60 евра повеќе од Македонија). А да не зборуваме за Црна Гора која за 10 години постоење стана членка на НАТО, аво тек е Програмата за пристап во ЕУ. Нејзината просечна плата стигна на околу 550 евра. Сега е пред нас и Косово со 402 евра. А нам досегашната власт ни остави само пустош, екзодус и солзи. Продолжува со лаги иако низ само една капка солза може да се гледа појасно отколку низ стотина телескопи и криминални телевизии.

Како понатаму?

Без дилема дека Вашингтон и Брисел силно ќе ја подржуваат владата на Заев, иако еден коалиционен партнер наметна личности со изминат рок на употреба.Таков дефицит на внатрепартиски капацитет за реформи е сигурен индикатор за исчезнување на таквиот субјект од политичката сцена.Но, проблемот е што тоа му наштетува на целиот процес. Владата силно ќе работи врз евроатлантската агенда како единствена опција за внатрешна и регионална стабилност и општ развој.

Со брзото зачленување во НАТО и преговори за ЕУ на сите ќе им стане јасно дека името на државата било само претекст за елиминирање на оваа агенда.

Владата треба силно да излобира неповратнапомош кај западните држави нудејќи конкретни проекти.

Таа треба да има реална стратегија за севкупен развој соодветно на ресурсите и другите потенцијали. Познатиот британски експерт по туризам С. Медлик сугерира инвестиции во селски туризамкаде ефтино 12 месеци би се одмарале европски пензионери, потоа искористување на планински капацитети и модерно земјоделие. Тој потребата за добро информирање на домашните и странските инвеститори ја смета за клучен фактор во развојот.

Минатата власт загуби важни компоненти од Коридорот 8, а и видно го маргинализира Коридорот 10 (оти при крај е конкурентниот Коридот 4 кој поминува низ Унгарија, Романија, Бугарија и потоа Грција и Турција).Значи пропаднаа тешки милјарди инвестиции поради политички манипулации.

Автопатишта, пруги, оптичкиот кабел, електрични далноводикако компоненти на К8 веќе најдоа алтернативи низ нашите соседи. Сега може да се спаси само гасоводот “WBR“–(Western Balkan Ring – Прстен Западен Балкан), што се одвојува од Албанија како крак на гасоводот TAP (Trans Adriatic Pipelines), кој ќе почне да доставува гас за две години. Тој крак треба да влезе во Струга, да помине низ државата и да продолжи за Косово и Србија. Овај проект, не само што економски ќе биде значаен за Македонија, туку и видно ќе ја зајакне нејизната регионална геополитичка положба.

Конечно можеби сфаќаме дека искуството е одлична школа ама ептен многу скапа. Луѓето треба да се освестат дека за две работи треба добро да ги отворат очите – кога избират животен сопатник и кога гласаат. Ако тогаш добро не ги отворат очите, тогаш со години ќе треба да мижат. А Калигула со неговите коњи треба да заврши во некоја штала.

Мерсел Биљали

Сподели: