Јарослав Сајферт – Крај златниот бунар

Сподели

maxresdefault

Крај златниот бунар

Се чини толку лесно да се издишат
неколку убави зборови,
да им се даде ритам,
да се поврзат со рими.
За од хартијата да не одлетаат
заедно ќе останат во игра.

Потешко е умеењето зборовите да се вплетат
со прсти во свилен гајтан,
да се поврзат во јамка, та да се фрлат.
Така се фаќа љубовта
кога ќе излизне од треперливите раце
бегајќи, оти е толку млада.
Тогаш нежно да се врзе
за својот здив.

Знаев еден поет кој, иако стар,
го умееше тоа.
Не е тоа лесно,
доаѓаат моменти што не се слатки.

Понекогаш ќе седевме
крај масава.
Обично приквечер,
градот под нас ќе стивнеше
и полека ќе се успиеше
од сјајот на уличните светилки
додека љубовниците застануваа, тука и таму,
кајшто почнува темнината,
оти тие имаат свои тајни,
ширум познати.

Залуд, љубов, го криеш своето лице.
Денес веќе знам
зошто тој тогаш толку често ќе замолкнеше,
три пати палејќи го лулето
коешто беше празно.