КАКВА ИСТОРИОГРАФИЈА НИ ТРЕБА? – Александар ЛИТОВСКИ

Сподели

litovski-foto

Она што деновиве ни се случуваше со сценографијата и иконографијата на илинденските празнувања во кои се измешале комитските чети и фалангите, се измешале поимите за државно и партиско, се измешале фашизмот и традицијата, се измешале и поставиле наопаку хероите и предавниците, македонските борци и врховистите, е, фактички, само последица на повеќегодишното претворање на една обична, дури и неинвентивна и досадна, портокаловата националистичка митологија во историја и стварност. Да се живее во лажен (митолошки) свет воопшто не е здраво ниту за персоналното, ниту за колективното психичко здравје. Да се прикажуваат настаните од антиката или средновековието со идеја да се изведе некаква национална константа во развојот, да се настојува на тоа дека во тие изминати времиња имало македонска свест која се поклопува со политичко-националната свест од нашите денови, или дека политичките и државно-правните поими од тие времиња се истоветни со современите претстави за нив, сосема сигурно не е ниту особено научно, вистинољубиво, мудро и целисходно. Со такви „методи“, всушност, се одработува само една ситна провинцијална националистичка пропаганда која денес, освен што е труење на неписмената толпа, таа е целосно бесмислена. Антикомунистичката коњуктура на нашите универзитетски катедри и, воопшто, на јавната сцена во времето на портокаловото владеење, фактички го овозможи намерно извртување на вистината од страна на државно субвенционираните историографи и „интелектуалци“ и со тоа постепеното враќање на фашизмот и врховизмот на македонската политичка сцена.

На нашата историографија тема треба да ѝ биде нашата земја и нашиот народ без разлика на етничко потекло. Нашите десничарски историографи, изгледа намерно, „заборавија“ дека туѓите национални херои од типот на Александров или Михајлов се „вмешуваат“ на македонската политичка сцена само со пролевање на крв, колку на „непријателите“, толку и на сопствените сонародници, и најчесто ги снемува од историската сцена или како жртви на завери или како „заборавени старци“ под заштита на тајните служби. Затоа тие нема да можат да прераснат во вистински „херои“ и не можат да придонесат за национално и меѓунационално помирување. И затоа, псевдопатриотските историографски книги кои масовно се печатени и пропагирани од портокаловата власт, во некои времиња на „нормална“ општествена сцена и нормална историографија, ќе бидат крајно нереални и, како такви, крајно досадни.

Нашата современа историографија треба да биде во чекор со времето, со научната вистинољубивост и со етичките хуманистички стандарди. Како што земјата и народот се менуваат, така треба да се менува и односот на нашата историографија кон темите од минатото. Сите историографски книги, тргнувајќи од еден чесен и принципиелен однос кон проучувањето на минатото, треба да ја преработуваат историјата за таа, што би рекол Ниче, да и служи на животот, а не на поделбите, омразите и смртта. Но да се разбереме, нужноста од преиспитувањата и промените не значи дека треба да се напушти стремежот кон објективност и македонизмот при толкувањето на изминатите настани и процеси.

Претворањето на историографијата во проста и лесносфатлива манихејска шовинистичка приказна во која „сите те мразат и сакаат да те уништат“ и која произведува „непријатели“, е можеби политички курентно во даден момент, но долгорочно погледнато тоа е на штета на националните и државните интереси. Ние веќе имаме насушна потреба од изградба на општество кое го презира митот, оти тој нема врска со мозокот и вистинските потреби на македонските граѓани, туку со грубата емоционалност и уште погрубата манипулацијата од портокаловата политичка елита. Оттука, треба да ги поразиме досегашните врховистички митологии и утилитаристички десничарски историски нарации, и да почнеме да создаваме една нова и современа историографија, која ќе ни ја покаже вистината за себеси и ќе го поможи и овозможи побрзиот развој на нашата земја.