Советничката група на Левица денес беше единствена опозициска партија која ја напушти седницата на Советот на Град Скопје, како протест против новиот начин на одржување на советничките прашања, со кој советниците се принудени сите прашања да ги поставуваат на почетокот на седницата, а одговорите да ги добиваат „топтан“, без можност за вистинска расправа и непосредно соочување со градоначалникот, директорите на јавните претпријатија и установи, како и градската администрација.
На ваквото самоволно водење на седницата реагираше и координаторката на советничката група на #Левица, Катерина Јовановска, која посочи дека претседателот на Советот едноставно ги игнорира процедуралните барања на десетина советници и нивното барање да се врати принципот по кој советничките прашања со години се одржувале.
Левица уште при воведувањето на ваквиот принцип на претходната седница за советнички прашања јасно се спротивстави на обидот да се лимитира секаква демократска дебата во градското собрание. Советничките прашања се еден од основните механизми преку кои избраните претставници на народот ја контролираат градската власт и бараат одговорност за начинот на кој се управува со парите и ресурсите на скопјани, а градоначалникот ги претвори во еден обичен ПР-циркус.
Дополнително, ваквиот начин на водење на седницата претставува и кршење на Деловникот за работа на Советот на Град Скопје. Наместо да се почитуваат правилата и волјата на Советот како колективно и претставничко тело, гласот на советниците воопшто не се зема предвид, а начинот на кој ќе се одвива седницата се наметнува според волјата на ВМРО-вските советници и градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Со тоа, ДПМНЕ ја продолжува праксата институциите да ги третира како сопствен партиски сервис, во кој процедурите важат само кога им одговараат на власта. Советот на Град Скопје не е продолжена рака на градоначалникот, ниту советниците се статисти во однапред режирана претстава во која власта си ги одбира правилата според сопствените политички потреби. Додека пак, СДСМ како апологети на недемократското дејствување на ДПМНЕ останаа на седницата, со што директно го поддржаа ова кршење на деловникот.
Наместо непосредни одговори и јавна дебата за конкретните проблеми на граѓаните, новиот модел овозможува прашањата да се натрупаат, а одговорите да се сведат на однапред подготвени бирократски реплики. На тој начин се одзема суштината на советничкиот надзор – можноста да се постави дополнително прашање, да се укаже на избегнат одговор и јавно да се соочи градската власт со сопствената одговорност.
Левица нема да учествува во симулација на демократија во која Советот треба само формално да „поставува прашања“, додека ВМРО-вската градска власт си избира кога, како и дали воопшто ќе одговори. Особено нема да прифатиме Деловникот да се прекршува, а гласот на избраните претставници на граѓаните да се игнорира само за да се овозможи Орце Ѓорѓиевски и ДПМНЕ да ја контролираат и режираат секоја дебата во Советот.
Токму затоа, како знак на протест против кршењето на Деловникот, деградацијата на улогата на советниците и ограничувањето на правото на демократска контрола, советничката група на Левица денес ја напушти седницата.


