Маргарет Етвуд – Јованка Орлеанка на разгледница

Сподели

ef5d699e1f4c79ba70e2bbbae56e928e

 

Јованка Орлеанка на разгледница

Еве ја Јованка врз покајничките чаршафи,
оклопот олупен од неа, косата истрижена,
врзана околу со конец
како завиткан јагнешки бут со коска,

врз неа капа што личи на хартија,
на весник, но непечатен,
конусна капа за единичари.
Сè е бледо, рацете, нозете боси,
слабата одежда, исцедена и празна,
бела ко центарот на сигнално светло:
резултат на предзнаењето.

Некој свештеник ја потпалува.
На двајцата тоа не им е по ќеиф.
Кога ќе ја запалат, ќе гори ко книга,
како недопишана книга,
како библиотека под брава.

Нејзините два левораки ангели
и полетните гесла
што ѝ ги шепотеа в уво –
„Храброст! Напред! Крал!“
и тие ќе горат.
Гласовите ќе им се скукулат и ќе одлетаат
како чкртка чад,

пеплосани остатоци од невкусна шега
во долгиот и раскалашен расказ
што луѓето си го раскажуваат за Бога,
а чуварите на плоштадот ќе навиваат,
со свои очи ќе ја согорат,
оти кој не сака добра клада
и еден убав пискот, троа подоцна.

Ти ја читаш сега,
ја читаш Книгата на Јованка.
Што мислиш за неа?
Јованка, самоуверената гласничка,
или лудачка, или стаклена сфера
полна со чисто, кратко поглавје
од една приказна без почеток и крај?

Ќе скрпиш некој превод,
ти со твојата сијалица од ламбата на масичката,
ти со твојот светло-бел вџарен поглед.

(прев. Горјан Костовски)