Колумна Текстови

НАШЕТО НАЦИОНАЛИСТИЧКО ПИЈАНСТВО

Сподели:

АЛЕКСАНДАР ЛИТОВСКИ

Секој барем малку интелегентен и разумен може да го види колективното пијанство. Секој може без преголем напор да види дека сè што прават се манифестации или на нивното пијано лудило, или на нивната измама за да се стекнат со поголем профит. Или и на двете нешта заедно. И највчудоневидувачки е што нашиов народ сето тоа не успеа да го види, осуди и казни во изминатите десет години

Живееме во јубилејно време. Во оваа 2016 година се навршуваат десет години од самонаречената “преродба”. Десет години власт, пари, моќ, за една антинационална елита. Како што е редот за секој јубилеј, и за овој треба нешто да се каже. Но, што да се каже, во едно кратко писание, а барем приближно да ја одразува поминатата стварност?

Мислам дека беа тоа десетогодишни пијани денови и ноќи. Беа тоа толку лудачки пијани што сите знамиња и слави од херонеји, гавгамели, марици, илиндени, сремови и грамоси се сплеткале во една раскалашана портокалова демохристијанска забава. Пијано беше сето наше минато и пијана беше сета наша стварност во очите на нашата тотално испијанета толпа. И не само што толпата беше дрво пијана, туку беше и бесмислено луда од занесот во портокаловата победа, што сериозно веруваше во халуцинациите за наводно зголемени пензии, наводни бесплатни бањски лекувања, наводно бесплатни автобуски и железнички прошетки, наводно бесплатни скијања на пензионери, наводно бесплатни студенски автобуски возења низ столицата, наводно новоотворените фабрики со наводно новоотворени работни места… Пијана беше толпата, толку многу, што веруваше во најпроѕирните и најглупавите лаги.

Таа наша жална и сиромашна толпа во тие пијани денови и ноќи беше бонапартистичко гласна, агресивна и арогантна, како портокаловата преродба да е историски триумф за илјада години. Пијана беше, ама навистина пијана и разгоропадена, таа портокалова толпа составена од професионални гладијатори, бедни глодари и незаситни стрвинари, во својата плитка надеж дека со власта можат да добијат и воспитување, образование, вкус за уметност, домашни манири… На таа обезглавена и раскалашана пијана забава во портокалово, некои заболени од алхохолно лудило (стручно наречено delirium tremens), доста тешко се пробиваа низ лавиринтот од празни и полни шишиња од ракија, вино, коњак, виски… За некои беше тешко да не се лизнат и да не паднат на таа раскалашана забава, оти таму с? беше расквасено, лигаво, лизгаво, испотено, влажно, исповраќано… Во тој пијан делириум и блесава еуфорија сите го изговараа името на Водачот како нешто свето, како спасител рамен на нивниот измислен и надреален семожен Бог. Дури во таква “блажена” и, што вели красноречивиот Бошко Нацевски, “натопена” состојба предизвикана “од гробна тага, од силна болка, или од дружба со ѓаволот”, го посведочивме и највисокиот и “најморалниот” црковен архиереј! Но, и тоа е познато од поодамна: дека и нашиот црковен клер се вклопил како најпослушен измеќар во десетгодишниот портокалов карневал на пијанство, кражби и кич!

Во овој наш портокалово-националистички пијан делиријум, сè е тука и сите се тука: тука се новомакедонците со своите новоконструирани фамилијарни стебла кои стигнуваат до комитлакот, а понекогаш и до антиката; тука се новите македонски тајкуни со своите измислени семејни грбови на кои редовно има апликации од шеснаесеткрако сонце или од исправен бугарски лав; тука е сета нова снобовска елита чии припадници редум, смрдат на ситносопственички филистаризам; тука се и големите “патриоти” платени од власта за националшовинистичко тресење глупости за загрозеноста на Македонија од Албанците, Србите, Грците, Бугарите, Масоните, соросоидите, Американците, Арапите…, но и со свето празнозборие од бесмислен антикомунизам и бесна исламофобија, во кое неодбегливо е и споменувањето на Филип, Александар, Самуил, Татарчев, Сарафов, Александров, Ванчо Михајлов, Шарло, Ченто, Драган Богдановски, Јордан Мијалков…; тука се властодржците со ефтиниот националистички и вулгарноплебејски вокабулар, но и со своите тажачки дека цел свет се труди да им ја одземе власта и фотелјите; тука се и “родољубите” од “културно-уметничката” елита со своите ангели од Курбиново, со своите “рингишпили”, “липи”, “барокни фасади” и “панорамски тркала” како врвни творечки достигнувања на македонскиот народен гениј; тука, некаде, како неодбеглив и сеприсутен шум, се и војната од 2001, “предавството” од опозицијата и името кое сакаат да ни го одземат, ама тие “не го даваат”; тука, нормално, се и портокаловите медиуми чија одвратна пропаганда е силување на здравата памет…

Секој барем малку интелегентен и разумен може да го види колективното пијанство. Секој може без преголем напор да види дека с? што прават се манифестации или на нивното пијано лудило, или на нивната измама за да се стекнат со поголем профит. Или и на двете нешта заедно. И највчудоневидувачки е што нашиов народ сето тоа не успеа да го види, осуди и казни во изминатите десет години.

Сподели: