Колумна Текстови

Мора да се спасиме

Сподели:

Мерсел Биљали
Диктаторот на Доминиканската Република Рафаел Труиљо (Rafael Trujillo) бил суров. Идол му бил хаитскиот диктатор Франсоис Дувалјер (Francois Duvalier), невиден шизофреничар, кој само затоа што претпоставувал дека неговиот близок соработник Клемент Барбот (Clement Barbot) можеби посакува да му биде наследник, одлучил лично да го егзекутира. Но, тој успеал да побегне. Не можејќи да го пронајдат, органите од страв смислиле приказна дека Барбот се има претворенo во црн пес (казна за виновник според религијата – Гоодоо), па затоа Дувалјер наредил да се убијат сите црни пси. Но, подоцна Барбот бил пронајден и доведен кај диктаторот, кој лично му ја здробил главата и тоа пред неговите деца и дел од мозокот го затворил во сад и го чувал кај себе (ритуал od Гоодоо верувањето, според кој што на починатиот треба да му страда душата).

Главниот град, автопатишта, важните згради, дури и планините, Труиљо ги преименувал по неговото име. Градел по своја фантазија, без никаква автохтона вредност и секој ден организирал групи кои наводно спонтано се молеле на Господ што им подарил таков водач. Труиљо наредил во секоја црква да стои натпис – „Dios en cielо, Trujillo en tierra“ (господ на небо, Труиљо на земја). Интересно е што овај лудак од диктатор својата неписмена жена ја прогласил за „спасителка и филозоф“, па дури и била доделена Нобелова награда за книжевност (таа практично била единствената неписмена личност на светот што добила таква награда). На главните плоштади и во сите институции и судови, висела светлечка гигантска табла каде што пишувало „Dios y Trujillo“ (Господ и Труиљо). Медиумите го прикажувале како многу чесен и скромен лидер. Но, по неговото убиство во 1961 година, во неговите тајни раскошни вили биле пронајдени неверојатни богатства и скапоцености во вредност од тешки милјарди долари, но и личниот дневник каде што пишувало:„ Las personas son como animales“ (луѓето се како животните).

Се уште постојната власт, чиј слоган е „Господ на небо, ѓаволот на земја“, со години ги третира луѓето како обични животни, кои мора да му се умилкуваат на патронот и кога се гладни и тепани. Нивниот интелект го третираат рамно на интелектот на едно теле, кога кажаа дека биле против одлуката на Уставниот суд за аболицијата и дека биле многу несреќни поради тоа што ги аболирал Иванов! Оти ги обесчестил тие што функцијата ја вршеле ептен чесно?! А интелектот на послушните судии од Уставниот суд и на другите судови е авансиран до ниво на интелект на вол. Власта и нив и Иванов ги турка во смрдливото мочуриште и сега велат дека самите скокнале. А јадниот Иванов слабо плива.

Што се однесува до душите што страдаат (според нашето Гоодоо), нивниот број се доближува до севкупниот број на населението во државата. Страдаат тие на кои им биле преземани фирмите, тие на кои им биле уништени бизнисите, тие што ги рекетирале. Сето тоа по Устав и по закон. Страдаат тие што веќе нема што да јадат, ама можат да се скијаат бесплатно. Тие што повеќе се плашаат од животот отколку од смртта. Страдаат родителите, бабите и дедовците, оти нивните чеда си заминаа неповратно поради невозвратена љубов. А ич не страдаат тие празни плавуши полни со пари, па токму поради тоа имаат и вишок љубов. Нивната наука има ниска цена на нормалниот пазар, па затоа треба да ја продадат на црниот пазар.
Сега веќе криминалната банда државата ја има доведено пред распад. Тука веќе не се работи само за политичка криза, туку за институционална, безбедносна, финансиска, економска и ментална криза. Ако не ја спасиме државата, спасувајќи се себеси, ќе дочекаме невиден хаос. Важни информации говорат дека бандата се двоуми – дали самата да избега во Русија, или пак државата да ја турне во граѓански конфликт! Таа се уште успева да се задржи со помош на медиумската лажна сила, за која криминалните телевизии по враќањето на слободата ќе треба да одговараат за злосторничко здружување.

Деновиве навлегуваме во завршна фаза на општата криза, полна со опасности. Болни умови посакуваат кризата да ја решат со уште поголема криза. Свежо ни е Куманово. Сега сакаат сами да отидат на избори, со што истите ги прават нелогични и опасни. Да имале грам мозок во главата, тие ќе се повлечеа уште пред да пукнат бомбите. Ама, често пати лошите дела што ние ги викаме ѓавол, не допуштаат. Тој посакува играта да ја игра до самиот крај.

Како и да е, овие лажни месии од државата направија нешто невидено во историјата. На ова треба да му најдеме име. Само кај нас судии паѓаат во несвест поради страв од криминалци. Дури и во Јужноафиркнаска Република, Уставниот суд на таа држава констатирал дека актуелниот претседател на државата, Џејкоб Зума, го прекршил уставот на земјата, со своето одбивање да и ги врати на државата парите, што од буџетот ги користел за обнова и модернизација на својот приватен имот. А овие наши јадници судии се претворени во жив штит за мега-криминалци.

Европа длабоко се деморализира, чекајќи власта да се морализира. Но, самата си е виновна за тоа. Власта цело време луѓето ги служеше со некаков сатанисички пијалок, за да ги доведе до екстаза. Еврокомесарот Штефан Филе подаруваше широка насмевка. Претпоставувам дека човекот вкусил нешто од казанот на тој ритуалнен пијалок, штом морал низа години да пишува такви ѓаволски извештаи! Сега Европејците сфаќаат дека доктрината „безбедност пред демократија“ завршува кобно за двете. Спасот е во паѓањето на режимот. Сега е јасно дека кој мирната револуција ја прави невозможна, тој насилната револуција ја прави неизбежна.

Свесни за ова, режимот настојува очајнички да го одржи празниот оптимизам кај својата криминална секта, кој очигледно е пред распад. Власта цело време му служеше на криминалот. Кога требаше да се добие власта, водачите пееја за НАТО и за ЕУ. Но, кога овие две структури почнаа да му пречат на криминалот, власта провоцираше со името. Потоа ја открија антиката, за го скријат криминалот. И сега, почнаа да газат и по антиката, оти криминалот за своја заштита го бара руското славјанство! Утре, кој знае каде! Вечна верност на кримоналот.

А ние ќе треба да престанеме со изреката – не не интересира политиката! Оти лесно може да се случи да бидеме заинтересирани како да си спасиме жива глава! Доминиканците се спасија од Рафаел Труиљо со помош на луѓе кои не биле баш многу зинтересирани за политика. Ама биле многу заинтересирани за нивниот гол живот.

Сподели: