Колумна Текстови

ОПАСНА СОСТОЈБА!? – Мерсел БИЉАЛИ

 

       Мерсел Биљали

Наскоро ќе имаме нова влада. Странците намигнуваат накај веќе тргнатиот евроатлантски пат. Останува, кој од субјектите на Албанците ќе бидат дел од власта, не само поради „бадентер“ оти тоа го има во секоја комбинација, туку првенствено поради императивната потреба од нов пристап кон новите вредности. Тоа што се случуваше изминативе три години, некако може и да се оправда поради тешките одлуки, но сега кога веќе сме на виделина, секој пропуст скапо ќе не чини. Ќе мора да се поздравиме со убиствената партизација која ни создаде болно канцерогено општество, од кое само мерит-системот може да не излечи. Наскоро стартуваме со преговори со ЕУ, а прв тест ќе биде токму тоа.

И изборната регулатива ќе мора во операциона сала, оти ваков каква што е, дури и кога кражбата е видлива од Месечината, таа не е видлива за ДИК и Управниот суд. Првата е конструкт на чист партиски пазар, а вториот нема поголем капацитет од селски мировен совет, па мора да функционира со далечински управувач. И едните и другите кажаа дека не знаат да мислат, па затоа постапуваат само површно! Па тогаш зошто ги плаќаме за чиста механика кога тоа може да го прави најобичен ефтин компјутер. Барем тој не бара пари, а ниту е политички послушник. Тоа е исто како да ги гледате крадците со вреќи пари во банка, а да велите штом ги нема на камери – не се тие! Така ние секогаш сме или на раскрница или на кружен тек.

За жал, со години Албанците беа тероризирани и газени од албанската партијата на власт. Важни сегменти на државата погрешно живеат со заблуди дека без ДУИ нема стабилност во државата. Тоа само по себе покажува дека аналитичките и другите интелигентни служби на државата се на ниво на аматерски риболовни друштва. Сите сериозни анализи кои се објавуваат по елитните странски научни ревии, токму на таквото насилно опстојување на власт се смета за потенцијална опасност за мирот и безбедноста. Трајното владеење на ДУИ со недозволиви методи и тешки злоупотреби, кај Албанците има создадено чувство на зграпченост, бесперспективност, окупација и стагнација. Тоа е критична точка на вриење после која многушто тргнува по опасен пат. А бројни странски автори сметаат дека владите тоа намерно го толерираат со цел исселување на таа заедница. А токму вакво мнение е многу опасно за регионалната стабилност. Да се одржат на власт тие кои на секое решение му наоѓаат проблем, во најмала рака е внатрешна опасност. Да се присетиме само на последниве локални избори кога ДУИ не можеше да добие ниту една градска општина, но со огромна помош на СДСМ ги доби скоро сите најголеми општини. Ама тоа не било проблем. Проблем било тоа што опозицијата на протест за масовна кражба, не носела државно знаме и канонада од напади поради тоа! Па кој будала ќе носи знаме на држава која елементарно не го штити од насилници, узурпатори и грабливци. А познато е дека ако сте под контрола на тие узурпатори, тогаш ќе бидете само експлоатирани, а ако не сте, тогаш ќе бидете згазени! Токму овде е вистинската опасност за државата, а не во знамињата. Гледајќи ги постапките на ДИК и Управен суд, луѓето оправдано си мислат дека државата штити само насилници и корумпирани. При такви состојби, знамето ми е проблем дури и мене како екстремен космополит.

Втора заблуда е тезата дека влада треба да се формира меѓу победник и победник. Тоа, не само што во суштина ги маскира и елиминира суштинските работи – злоупотребите, крадењето гласови, политичката провиниенција, програмските определби итн, туку го релативизира и економскиот развој како клучен параметар. ДУИ е „победник“ веќе 19 години, а без елементарни економски резултати! Оттука, или со гласачите нешто не е во ред (што не би требало да е така), или гласачкиот процес перманентно е силуван. Како на пример тие разочарани гласачи што пред три години гласаа за СДСМ сега пак се „вратија во орловото гнездо“ како што изјавија ДУИ-вците?! Тоа е врвен апсурд. Во Белорусија, Азарбејџан, Узбекистан и во слични хибридни држави перманенто победува власта! При наши услови, ако подолг период тоа се толерира, а уште полошо се наградува, обично завршува многу лошо за државата и регионот. Фер односот е единствен пат по кој треба да се движи секоја држава особено етнички мешана. Исто така, што ако на пример дијаметрално се разликуваат програмски определби на партиите „победници“! Мислам дека поприродно е досегашното да се замени со „мнозинството бадентер“, кое не само што ќе ги намали злоупотребите, туку и поприродно ќе функционира.

Третата заблуда е партизирањето на јавниот сектор. За жал, по изборите пленот се тендерите и партиските вработување. Сега јавниот сектор е полн со неписмени. Владите наместо да понудат сериозни стопански проекти каде што масовно ќе се вклучат амбициозни кадри, таа нуди паразитски партиски вработувања, кое во краен рок доведува до хаос. Тоа е дупло зло. Првин примаат плата непрофесионалци и некомпетентни, а второ губење вредност што тие би го создале кога би се вработувале во економијата. Во западноевропските држави, еден вработен во јавниот сектор покрива 9 вработени во стопанството (и услужните дејности). Во земјите на источна Европа тоа е околу еден спрема седум. На Косово е еден спрема четири. А кај нас жива катастофа – еден спрема околу два! Тоа значи дополнителни 700 милиони евра годишно за нивни плати и други трошоци, а тие можеби поуспешни ќе беа во стопанството ако државата им понуди добри проекти и идеи. Би создале материјални вредности и би плаќале даноци. Значи околу милијарда ипол губиме годишно само поради партиските задоволства и немањето развојна визија. Пари од ЕУ сега ќе има, но треба воља и визија за суштински реформи.

Албанците се преуморни од владеењето на една партија цели дваесет години со сите недозволиви средства, кои и кога зборуваат за демократија мислат на злоупотреби. И кога зборуваат за чесност мислат на грабеж. И кога зборуваат за правда мислат на голема неправда. Па и партија од ангели да беа, за 20 години власт ќе се претвореа во партија на ѓаволи. Го уништија образованието, ја газеа културата, хронично го разболеа здравството, ја понижија социјалата и што не?! Запустошија шуми, земјоделство, сточарство, трговија, традиција, морал…Треба да се испитаат сите концесии за вода кои во сржта се сомнителни. Единствен прогрес што направија е доменот на корупцијата и криминалот. А народот пак „ги гласал“! Дваесет години зборуваат за Рамковниот договор, кои требаше да биде имплементиран во далечната 2004 година, а од Јанкуловска очекувале да им го напише законот за јазиците. Па затоа и драстичен пад на поддршката кај гласачите кои морале да го компензираат со притисоци, закани, пари, уцени, полнење кутии итн. Замислите на 34 избирачки места каде што ниту во сон излезеноста не поминува 23%, таму е достигнато до над 85% излезеност, а државата немала механизми за да го провери тоа, па моравме да слушнеме брука изјави од ДИК и Управен суд! Башка што и тие гласови што вистински ги добија во голема мера се незаслужни, оти се добиени со голема измама – „сонот за премиерот Албанец“. И сега истиот тој премиер го качуваат наопаку на бесен коњ.

Сподели: