Вести Изјави Македонија Ударни вести

Пендаровски: Со праведни пресуди судиите ќе докажат дека нема недопирливи пред законот

Сподели:

 

Претседателот Стево Пендаровски се обрати на свечениот прием што по повод 15-годишнината од основањето на Академијата за судии и јавни обвинители се одржа во Скопје.

 

 

Овој јубилеј годинава се совпаѓа со две важни годишнини: 30 години од прогласувањето на независната и суверена македонска република и 30 години од донесувањето на нејзиниот највисок правен акт – Уставот.

Во овие три јубилеи се симболично содржани трите клучни човечки и општествени идеали, а тоа се слободата, стекната со независноста, поредокот воспоставен со Уставот и правдата гарантирана од судството. Овие три меѓузависни идеи се темел на владеењето на правото, што заедно со почитувањето на фундаменталните права и слободи се основни вредности на секоја современа, демократска држава.

Според Уставот, судската власт е дефинирана како гарант за владеење на правото и заштитата на основните права и слободи на човекот и граѓанинот. Носејќи праведни и навремени пресуди судиите реактивно го санкционираат прекршувањето на законите и со тоа превентивно ја градат културата на почитување на истите тие закони. Овие важни функции судството може да ги врши единствено ако е независно, а, без независно судство, отпорно на политички и економски влијанија, правдата ќе биде исклучок, а, не правило.

Не е мал бројот на граѓани кои во изминативе три децении се соочиле со неправедни пресуди или со одложена правда. Еден од последните примери за тоа се и семејствата на жртвите од една друга автобуска несреќа во Ласкарци, кои сеуште ја чекаат правдата. Ваквата правна неизвесност е уште една од причините за заминувањето на нашите граѓани во земјите со поразвиена култура на почитување на законите.

За судството да биде заштитено од потенцијални политички и економски влијанија, независноста треба да биде не само формално-правна, туку функционална и финансиска. Мора да се вложува во квалитетни кадри кои непристрасно, професионално и ефикасно ќе ја извршуваат функцијата. Назначувањето и унапредувањето на судиите и обвинителите мора да биде целосно деполитизирано и да се врши според транспарентни процедури и објективни критериуми, втемелени врз системот на заслуги.

Токму во тоа ја гледам улогата на Академијата за судии и јавни обвинители која има клучна улога во процесот на подготовка и континуирано професионално усовршување на судско-обвинителските кадри.

Носејќи праведни пресуди втемелени врз фактите и вистината, сегашните и идни судии и обвинители ќе ја засилат перцепцијата на граѓаните дека нема недопирливи пред законот.

Ви го честитам овој значаен јубилеј и да ви посакувам успеси во вашата понатамошна работа.

Сподели: