Вести Македонија

Потребна е итна пензиска реформа, ослободена од партиски притисок

Сподели:
Експертите се сомневаат дека бројот на оштетени граѓани кои ќе завршиат со драстично помала пензија од заработената е повисока, од засега детектираните 300 осигуреници. Универзитетскиот професор Игор Ивановски вели дека проблемот е резултат на отсуството на транспарентност, ниското ниво на деловна етика во работењето и лимитираниот вкупен капацитет на пензиските друштва и МАПАС. Одговорноста ја лоцира во сите нивоа на системот, пренесува 24 Вести.
„-Мислам дека бројката на оштетени граѓани кои не морале да бидат дел од вториот столб може да е повисока. Во Македонија одамна одговорноста не постои и мислам дека за жал никој нема да одговара, иако сите нивоа на системот се конкретно одговорни. Но, проблемот е многу поголем, и на најмалку 33.000 граѓани, кои во моментот на почетокот на реформата имале од 38-40 години возраст ќе имаат несразмерно пониска пензија заради тоа што морале да бидат дел од вториот столб и мислам дека овие граѓани треба да се вратат само во првиот столб, “ вели универзитетскиот професот Игор Ивановски.
За одржливи и повисоки пензии потребна е итна пензиска реформа, ослободена од партиски притисок и спроведена со консензус на пензиските друштва и, науката вели Ивановски. Во спротивно, со сегашните решенија ќе се создаде армија на сиромашни пензионери.
„Клучен елемент во таа реформа мора да биде ПИОМ кој е хронично колабиран, но мора да се зајакнува и капитално финансираното пензиско осигурување, кое во овој момент не ја исполнува целосно првично зацртаната цел на реформата, и има простор за сериозни промени“, вели Ивановски.
Откако неколку граѓани се пожалиле до народниот правобранител дека добиле решенија за пониска пензија од зарботената, од канцаларијата на правобранителот велат дека во прашање се стотици случаи, но граѓаните  се уште не се свесни затоа што не оствариле право на пензија. Штетата им била нанесена откако се зачлениле во вториот пензиски столб без да бидат информирани за последиците.
По овој настан, работна група од Министерството за труд и социјална политика анализира по што ќе предложи измени во законите за да се овозможи придонесите на оштетените осигуреници да се трансферираат од приватните друштва во ПИОМ за овие осигуреници да се вратат во едностолбниот пензиски систем се со цел пензијата која ја заработиле да им биде исплаќана во целост.
Сподели: