Здружението за заштита на животните Анима Мунди јавно реагира на ставот на Фондот на пензиско и инвалидско осигурување на Северна Македонија (ФПИОСМ ), според кој институцијата одбива да дозволи чување домашни миленици во пензионерските домови со кои управува, повикувајќи се исклучиво на постоечки правилник.Одговорот на ФПИОСМ, за жал, не нуди решение, не покажува разбирање и не зема предвид ниту еден човечки, здравствен или научен аргумент, туку сведува сè на формулацијата: „Нема исклучоци. Така пишува во правилникот.“
Пензионерските домови не се старечки домови, ниту институции за згрижување, туку станбени објекти во кои повозрасните граѓани живеат самостојно, како и во секоја друга станбена зграда. Сепак, со еден општ правилник, на сите станари им се ускратува правото на чување миленик – без разлика на големина, однесување, услови или одговорност. Зошто пензионерите во пензионерските домови немаат исто право како другите граѓани да чуваат миленик во сопствениот дом?
Зошто оваа забрана е проблематична?
Бројни домашни и меѓународни искуства, како и практиката во здравствените установи, покажуваат дека чувањето миленик има докажани позитивни ефекти врз психофизичкото здравје, особено кај повозрасните лица.
Чувањето миленик:
- ја намалува осаменоста и чувството на изолација,
- придонесува за подобро ментално здравје и емоционална стабилност,
- создава чувство на смисла, грижа и одговорност,
- поттикнува дневна рутина и активност,
- ја зголемува физичката активност, особено кај лицата кои чуваат куче, поради редовните прошетки,
- позитивно влијае на мотивацијата, самодовербата и квалитетот на живот.
За многу повозрасни лица, миленикот е нивно друштво, нивна секојдневна обврска и радост, нивна причина да се движат, да станат од кревет, да комуницираат, често единственото суштество со кое делат љубов, еднакво на член на семејство.
Присилното одделување на миленик од сопственик претставува длабока емоционална траума за човекот и сериозно страдање за животното, кое нема „резервен дом“.
Дополнително, неодамнешниот пример со вдомување на лабрадорот Роџер во ЈЗУ Универзитетска клиника за психијатрија уште еднаш потврдува дека активностите поддржани од животни се признаени како корисни и од медицинската фела. Според лекарите, активностите поддржани од животни:
- го намалуваат стресот, анксиозноста и чувството на изолација,
- го подобруваат расположението и емоционалната стабилност,
- ја поттикнуваат комуникацијата и социјалната интеракција,
- ја зголемуваат мотивацијата и самодовербата,
- создаваат поддржувачка и стабилна терапевтска средина.
Во својот одговор, ФПИОСМ се повикува на можни здравствени ризици, алергии и медицински состојби кај дел од корисниците, но:
- не нуди стручни проценки,
- не предлага балансирани решенија,
- не предвидува индивидуален пристап,
- не прави разлика помеѓу одговорно чување миленик во стан и нарушување на заедничкиот живот.
Се применува колективна забрана, без да се земат предвид реалните услови, современите сознанија и благосостојбата на станарите.
Нашето барање останува исто, не бараме анархија, туку измена на правилникот,
дозвола за чување миленици под јасни и разумни услови, одговорно сопствеништво,
индивидуален пристап, наместо слепа забрана.
Институциите постојат за да им служат на луѓето.
Кога правилникот станува поважен од човекот – тогаш нешто е сериозно погрешно.
Бараме итна ревизија на Правилникот кој е застарен и нечовечки.
Ќе продолжиме јавно да зборуваме за ова прашање сè додека не се најде хумано, правично и разумно решение, реагираат од Анима Мунди.
https://www.facebook.com/share/p/189rjtEXqS


