Прља: Oбразованието во светот се трансформира, а кај нас се плаши од промени

Сподели

 

Потребно е да разбереме дека светот се менува и дека секако можеме да ги игнорираме тие промени, но тоа нема да ни донесе генерации деца кои ќе го унапредат општеството, туку генерации послушни службеници кои се навикнати знаењето да го примаат преку инка и за нив учењето ќе заврши по добивањето на дипломата, пишува Бранко Пља за РесПублика.

Бранко Прља

Онлајн наставата е полна со предизвици и маани, а најчесто страдаат учениците. Не смееме да го градиме образованието на идните генерации врз грбот на сегашните и мораме повеќе да ѝ веруваме на технологијата ако сакаме напредок. Децата се технолошки писмени и сите од постарата генерација треба да учат од нив. Потребно е уривање на парадигмата за наставник експерт кој со инка им тура знаење на децата во главите, а тие го репродуцираат. Сите сме заедно во истата каша и треба да ја направиме што е можно подобра, а за тоа ни треба технологијата и децата – зашто во нив е иднината!

Онлајн образованието во Македонија на несигурни нозе

И птиците веќе знаат дека онлајн наставата е со лош квалитет и нередовна. Се разбира, постојат објективни причини за тоа: слаб интернет во училиштата, слаби компјутери за наставниците, лош квалитет на слика или звук, неможност да се стигне од еден на друг час и да се вклучи компјутерот на време, речиси невозможната мисија да се посвети подеднакво внимание на двете групи ученици, итн.

Се разбира, во светот има и успешни приказни поврзани со онлајн образованието, на пример во САД: Универзитетот од Делавер, Училишен округ Фулертон Калифорнија или Државниот универзитет во Њујорк. Она што е заедничко за сите овие примери е соработката, довербата и желбата за успешна онлајн настава кај клучните ентитети: наставниците, училиштата во целина, родителите и учениците.

За жал кај нас не се преземаат многу чекори онлајн наставата да се подобри, а за секој пропуст теретот паѓа на ученикот. Не слушнал, не разбрал, не му било пренесено – негов проблем! Во одредени случаи тие се обвинуваат и казнуваат. Зарем не би било подобро да се бориме и работиме заедно со конструктивни предлози како да се подобри образованието? Децата кои учат онлајн се и така малцинство, зарем треба да ги напаѓаме нив за општите проблеми во образованието кои се констатирани и образложени од ПИСАМОН итн.?

Во групата „Подобра онлајн настава“ честопати се расправа за проблемите на онлајн наставата, но некако „муабетот“ премногу често завршува на грбот на учениците. Тие се мрзливи, лажат, мамат, следат настава од кревет итн. Зарем младината е виновна за неуспешната онлајн настава? Тие се производ на општеството и претходните генерации – ако тие не чинат, не чиниме ниту ние.

Целта на овој текст не е да се критикуваат наставниците, иако можеби на места звучи така. Целта е апел кон тоа да гледаме кон технологијата како на пријател, наместо да сметаме дека овозможува „фаќање кривини“ или дека некој ја злоупотребува. Децата најчесто се спречени да доаѓаат на наставата од медицински причини, тие се лишени од дружењето, од социјалниот живот, сведени се на пиксели на екран и немаат можност да се истакнат на училиште, ниту се вклучени во наставата на правилен начин. Последно што им треба е осуда и дискриминација, а честопати го добиваат само тоа.

Што можеме да направиме за да ја подобриме онлајн наставата?

Пред се, не треба да се плашиме од технологијата и да ја сметаме за непријател, туку да ја искористиме нејзината моќ. Треба да бидеме благодарни зашто не сочува во невремињата и ни помогна да не изгубиме работа, да следиме настава и да останеме безбедни и во тек со светот.

Студиите многу пати укажале на технофобијата како една од главните причини во спротиставувањето на промените во образованието. Студијата Справување со технофобијата на наставниците во училницата (2012) спроведена во Иран од Али Асгар Јусефи Азарфам и Јалда Џабари јасно ја дефинира проблематиката. Забележано е дека употребата на технологијата е детерминирана од широк опсег на фактори, кои се движат од надворешни фактори како пристап до соодветни материјали и можности за професионален развој до повеќе внатрешни фактори како што се свесноста за придобивките од технологијата и личните ставови кон технолошките иновации.

Според Болентин (Bollentin) во Враќање: дали технофобијата ве држи офлајн?, една од причините за луѓето кои страдаат од технофобија е страв од промената на средината во која живеат и работат. Слично на тоа, според Ивон Лам (во La Revue canadienne des langues vivantes, 2000), се работи за „фобија од ризици“ – на наставниците им треба сосема поинаква обука за да научат дека можат да работат на нови начини со своите ученици.

Obrazovanieto vo svetot se transformira, a kaj nas se plasi od promeniИзвор: pixabay.com

Според Свејн (Swain), Интегрирање на наставата по јазик и содржина преку заеднички задачи) овој недостаток на доверба во нивните компјутерски вештини сугерира дека овие наставници не ги гледаат своите ученици како ресурс. Се чини дека тие ја претпочитаат традиционалната улога на наставникот како експерт, што имплицира дека нивната непријатност е поради идејата да се откажат од својата експертска улога. Друга причина за некористење компјутери е перцепцијата дека компјутерите не можат да ги задоволат потребите на учениците, што не е вистина.

Токму тоа го потврдуваат поновите студии направени за време на пандемијата како Трансформација на училницата со интернетот (2020). Таа накратко го објаснува развојот на генерациите кои растеле со интернетот, како тие го перцепираат светот и дека „денешните ученици преферираат сами да го пронајдат тоа што им треба, отколку едноставно да им го дадете,“ и да го истражат истото од повеќе различни канали распространети ширум интернетот. Тие учат преку интеракција со други поединци онлајн и го споделуваат тоа знаење на други. Како заклучок на тоа, „едукаторите сфатиле дека треба да го преиспитаме целиот модел на образование и да го редизајнираме за да биде повеќе насочен кон учениците.“

Улогата на социјалните медиуми станува сè поважна, придвижувајќи го образовниот процес од пристап на „притискање“ кон пристап на „влечење“ каде учениците стануваат составен дел од многу аспекти на образованието (Визуелна математика и кибер-учење, Мартиновиќ и др., 2013).

Децата веќе успешно учат од различни подкасти и кратки документарци кои на лесен и аудио-визуелен начин им ги претставуваат податоците, отколку од сувопарен час во кој наставникот зборува, а тие се борат со здодевноста и сонот. Како одличен пример за тоа е YouTube каналот In a Nutshell, кој ги објаснува некои од најкомплексните идеи во науката и филозофијата на начин на кој и 10-годишник може да ги разбере. Постојат многу (безброј!?) други слични примери.

Преку доверба кон онлајн наставата и против технофобијата, кон подобро образование за сите

Децата кои учат онлајн кај нас се претежно пасивни набљудувачи на наставата, и тоа е погрешно. Треба да се изнаоѓаат креативни начини да се вклучат активно и продуктивно во наставата. На пример, може да им се даваат повеќе задачи, да се искористи тоа што се пред компјутер, за време на часовите да им се побара да најдат видео кое ќе го илустрира тоа што се предава, па да се пушти на сите ученици, да им се даде шанса да бидат слушнати.

Добар пример за успех е Основното училиште Јара во Австралија кое вовело виртуелни клубови/секции, каде учениците можат да ги споделат нивните интереси и да се забавуваат онлајн, или виртуелни уметнички галерии, каде можат да ги споделат своите креативни склоности. Со интернетот и социјалните медиуми можностите се практично бесконечни, само ни треба доверба и отвореност.

Решението е – наставници, учете за технологијата од учениците! Секој добар наставник знае дека учениците сакаат кога можат да го споделат своето знаење со другите, особено со нивниот наставник. Според Милтон (Технологија и учење јазици), „технологиите на масовните медиуми може да им дадат на наставниците, а и на учениците широк спектар на активности и искуства кои можат да го поддржат учењето во формални и неформални услови.“

Потребно е да разбереме дека светот се менува и дека секако можеме да ги игнорираме тие промени, но тоа нема да ни донесе генерации деца кои ќе го унапредат општеството, туку генерации послушни службеници кои се навикнати знаењето да го примаат преку инка и за нив учењето ќе заврши по добивањето на дипломата.

Тоа е погубен однос кон развојот на едно општество кое би требало со сите сили да вложува во младите, да ги поттикнува на развој, да се труди да ги предизвика интелектуално и да ги задржи тука – наместо среќата да си ја бараат надвор.

Доколку продолжи досегашниот однос кон технологијата во полето на образованието, се чини дека последното е неминовно.