„Прличеви беседи“ во Библиотеката „Григор Прличев“ во Охрид

Сподели

НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид, во рамките на „Прличеви беседи“, со традиционалната „Прличева визита“ денеска (6 февруари) од 13:00 часот ќе ја одбележи 132-годишнината од смртта на патронот.

Оваа година минува во знакот на уште два други датуми – 195-годишнината од раѓањето на Прличев и 160-годишнината од изборот на поемата „Сердарот“ за најдобра на конкурсот во Атина.

По изведбата на стихови од поемата „Сердарот“, обраќање ќе има в.д. директорката на Библиотеката, Христина Трпеска.

Библиотеката на академик д-р Миле Д. Миќуновиќ и проф. д-р Зоран Тунтев ќе им додели признанија за континуирана соработка и поддршка на установата.

Настанот ќе биде заокружен со доделувањето на наградата од третиот по ред Конкурс за најдобра беседа на млад автор до 30 години на тема: „Чувај се себеси“. Жирито за најдобра ја прогласи истоимената поема, на младата Ева Ивановска од Делчево.

Традиционално, „Прличевата визита“ ќе заврши со локум, суво грозје, леблебија и охридска староградска песна.

Манифестацијата „Прличеви беседи“ е финансиски поддржана од Министерството за култура и туризам и Општина Охрид.