Фросина Пармаковска
Тогаш почнува да се сеќава, и минатото пред него се отвора како широк пејзаж, панорама што тој ја гледа за првпат. Во свеста му се менуваат слики од минати сцени, и првата мисла (не, тоа е впечаток, импулс) што му доаѓа од некаде и му ја запоседнува свеста е „простете, простете, простете…“ Во каква заблуда бил, толку долго! Сета негова осуда – каков срам! Ќе стигне ли да им се извини на сите? Второто чувство е благодарност: за тоа што гледа, најпосле. Каква приказна: триесет години да се живее во привид.
Сега сака да благодари – да истрча надвор и да им се заблагодари на сите, пред сè на оние кон кои ја истураше тажната заблуда на осудата. Да рече: „простете: и судев и кудев, но не знаев ништо. Но сето тоа било генијално осмислено, за јас да дојдам сега тука, да побарам прошка и да заблагодарам, и најпосле да се влезе во животот.“ Ќе успее ли да ги најде сите, да им се извини, и да им се заблагодари? Обземен од возбудата што нема да го напушти во следните година-две, тој крева рака и на девојката со опавчето ѝ дава знак да му ја донесе сметката. Таа за минутка се појавува пред него, и додека го спушта парчето хартија до шишето пиво, нему вниманието му го привлекува белата картичка прицврстена на нејзината црна маичка: со елегантен фонт пишува „Глорија“. Се поднаежува.„Колку убаво“, си вели.
