Вести Македонија Став Ударни вести

Репортери без граници: Груевски воспостави ниво на контрола врз медиумите неспоредливо со ниедна друга балканска земја, а многу опозициски медиуми мораа да згаснат

Сподели:

„За време на десетгодишното владеење, Груевски воспостави ниво на контрола врз медиумите што не можеше да се спореди со ниедна друга балканска земја, а многу опозициски медиуми мораа да згаснат“, се вели во Извештајот .

Најновиот извештај на невладината организацијата Репортери без граници укажува на омразата кон новинарите, за што веруваат дека е сериозна закана за демократијата во светот.

Според Индексот за слобода на медиумите за 2018 година, Македонија се наоѓа на 109 место, односно бележи скок од две позиции од минатата година, кога била на 111 место.

Во Извештајот се наведува дека систематските напади на слободата на медиумите била констатна појава за време на децениското владеење на претходниот премиер Никола Груевски и поранешната владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ, „кое конечно заврши со изборот на новата влада во јуни 2017 година“.

„За време на десетгодишното владеење, Груевски воспостави ниво на контрола врз медиумите што не можеше да се спореди со ниедна друга балканска земја, а многу опозициски медиуми мораа да згаснат“, се вели во Извештајот .

Репортери без граници оценува дека Јавниот радио-телевизиски сервис се уште е во служба на ВМРО-ДПМНЕ.

„Падот на режимот на Груевски доведе до намалување на владината контрола врз медиумите, но се уште е рано со сигурност да се оценат владините намери да создаде трајно подобрување на ситуацијата. Нема значителни промени во економската ситуација на новинарите во Македонија кои се слабо платени, а работните места не им се сигурни“, стои во Извештајот.

Од балканските земји, пак, најдобра позиција има Кипар на 25 место, Словенија е на 32-то, Хрватска на 69-то, Романија е на 44-то, Грција на 74-то, а по нив се наоѓаат Албанија (75), Србија (76), Северен Кипар (77) и Косово (78), додека Бугарија е на 111 место, а Турција на 157 позиција.

Репортери без граници предупредува дека слободата на медиумите во светот е намалена во текот на минатата година, а омразата кон новинарите се засилува во Европа и во САД.

Според Индексот на слобода, Норвешка втора година е прва на листата по слобода на медиумите, а на второ место е Шведска. На трето место е Холандија, додека Финска годинава бележи пад од едно место и е четврта.

Мапата на светот која ја направи репортери без граници за слобода на медиумите е дополнително поцрнета затоа што ситуацијата во 21 земја е дефинирана како „многу сериозна“, што претставува нов рекорд. Годинава во оваа група е ставен и Ирак. Со него се авторитарни режими, како Египет (161), Кина (176) и Северна Кореја, која и годинава е на последното 180-то место.

Во извештајот се истакнува дека говорот на омраза и напади врз новинарите веќе не е привилегија само на авторитарните држави.

Четири од најголемите регистрирани падови се во европски земји. Чешка, каде претседателот Милош Земан излезе на прес-конференција со „Калашников“ со натпис „за новинари“, падна за 11 места на 34 место. Словачка, каде поранешниот премиер Роберт Фицо ги нарече новинарите „валкани антисловачки проститутки” и „прости и глупави хиени“, падна за 10 места на 27 позиција. Малта, каде беше убиен новинар кој ја истражувал корупцијата, падна за 18 места на 65-то, додека Србија падна за 10 места на 77 позиција.

Слободата на медиумите е најзагрозена во Туркменистан, Северна Кореја и Еритреја.

Под администрацијата на Доналд Трамп, САД падна за две позиции и се рангира на 45. место. Трамп смета дека новинарите се „непријатели на народот“, квалификација која му се припишува на Сталин, нотира извештајот на Репортери без граници.

„Рангирањето, за жал, го одразува феноменот на растечкиот говор на омраза кон новинарите во повеќе земји, а ослободувањето на оваа омраза е навистина опасно“, изјави Кристоф Дилоар, генерален секретар на невладината организација.

Репортери без граници од 2002 година објавува извештаи за Индексот на слобода на медиуми во 180 земји, при што се вклучени нивото на плурализам, независност на медиумите, животната средина, автоцензурата, правната рамка, транспарентноста и квалитетот на инфраструктурата што произведува вести и информации. Сепак, Извештајот не ја оценува владината политика.

Глобалниот индикатор и регионалните показатели се оценуваат врз основа на резултатите добиени за секоја држава. Извештајот се подготвува врз основа на прашалник и анализа на одговорите.

Сподели: