Скопје добива нова комунална механизација

Сподели:

Скопје добива современа комунална механизација со која значително ќе се зајакнат капацитетите за одржување на јавната хигиена и собирање на отпадот.

Новите возила за комунална хигиена денеска беа промовирани од страна на градоначалникот на Град Скопје, заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, и вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски. Возилата се обезбедени преку проект реализиран со поддршка од Светска банка.

„Сметот со години беше еден од најгорливите проблеми во Скопје и една од најтешките слики на нефункционалноста на системот. Уште од првиот ден кога ја презедов функцијата градоначалник, ветив дека нечистотијата, преполните контејнери и запуштените улици ќе станат минато. Денес зборот станува дело“, истакна градоначалникот.

Современата механизација ќе овозможи побрзо, поефикасно и поредовно собирање на отпадот, со што ќе се придонесе за почисти јавни површини и поздрава животна средина за сите граѓани.

Од Град Скопје посочуваат дека грижата за чистотата не е повремена акција, туку секојдневна обврска кон скопјани.

„За нас, чистотата на Скопје не е повремена акција, туку секојдневна обврска кон граѓаните. Затоа работиме посветено, организирано и без изговори – во секоја населба, на секоја улица и во секое маало“, порача градоначалникот.

Паралелно со обезбедувањето на новата механизација, Град Скопје со сопствени средства набавува дополнителни специјализирани возила, како и повеќе од 3.300 нови контејнери, за кои постапката е во завршна фаза.

Со обновена механизација, нова опрема и подобра организација, Град Скопје презема конкретни чекори за решавање на долгогодишниот проблем со отпадот и унапредување на комуналната хигиена.

Градоначалникот изрази благодарност до претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, за, како што истакна, силната поддршка што локалната самоуправа ја добива од Владата, како и до вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, за континуираната поддршка кон Скопје.

Благодарност беше упатена и до Светска банка за поддршката во реализацијата на проектот преку кој се обезбедени новите возила.

„Продолжуваме да се грижиме за Скопје, за нашиот народ и за Македонија. Повеќе не е прашањето дали можеме подобро. Подоброто веќе го создаваме и граѓаните секојдневно ќе го живеат“, порача градоначалникот.

Сподели: