Колумна Текстови

Слободен човек или слободен пазар? – Филип Клетников

Сподели:

 

Одлуките не се носат во интерес на мнозинството кое ги избира носителите на одлуки, туку се носат според интересите на едно супермалцинство – финансиската елита.

   Филип Клетников

Доколку патот ве води во Германија, не пропуштајте да го посетите Бамберг. Живописно место, кое – за разлика од нашиот сѐ пожален Охрид! – ја сочувало старата средновековна и барокна конституција и е вистински живописен град-музеј! Посетете ги бројните локални крчми, лутајте по калдрмените сокаци опкружени со куќи кои ќе ве натераат да помислите дека сте лик во бајките на Грим и – не заборавајте да го посетите замокот Зеехоф, летната резиденција на Бамбершкиот надбискуп. Ќе чуете неверојатни работи: на пример, една зима, голем број жители на градот и околината умреле од студ, само затоа што надбискупот ја исекол целата шума, за да ги грее своите градини каде одгледувал егзотични животни и растенија! 

Западното либерално општество милува себеси супремациски да се перцепира како „најдобриот од сите можни светови“. Аргументите за ваквата перцепција ги црпи од премисата за историјата како напредок, чијшто врв е либералдемократијата, која ги пополнила и укинала недостатоците на претходните форми на владеење, како што се робовладетелството, феудализмот, комунизмот… Според оваа теорија, бамбершкиот надбискуп би бил само еден од многуте примери за недостатоците што западната либералдемократија ги надминала. Но затоа, кога станува збор за банкарите и челниците на големите глобални корпорации – кои се тука и сега – се добива впечатокот дека „најдобриот од сите можни светови“ се движи кон тоа да стане најлошиот. И тоа брзо. 

Пазар – што (беш)е тоа?

Кога говориме за „пазар“, денешното популарно разбирање на терминот се врзува со економијата: од добропознатото „пазарче пред маало“, па сѐ до некоја голема берза. Но малкумина помислуваат на потеклото на зборот: пазарот ја почнал својата „кариера“ како собиралиште на слободниот народ – народен собор, место каде се одвивал јавниот живот на polis-от, и оттаму станал и сврталиште на софистите: античката agora / forum. Oттука, агората станала место и на трговијата, како дел од народниот живот. 

Меѓутоа, овде не станува збор за етимологија; станува збор за суштинското значење на пазарот, имено дека пазарот бил образуван од и за народот, како собор на слободни поединци. Тоа значи дека пазарот и сѐ што се одвивало на него, од размената на добра па сѐ до размената на мислења треба да му служи на народот, а не обратно. Дали тоа е случај со „слободниот“ пазар денес? 

Демократија и „слободен“ пазар: невозможна мисија?

Идејата за т.н. слободен пазар се потпира на „laisezz-faire“ доктрината од XVIII в. според која колку што помалку владата се меша во економијата (во таа смисла: слободен), толку подобро ќе се одвива бизнисот и според тоа, ќе просперира и целото општеството. Но овој постулат се соочува и со теориски и со емпириски проблеми.

Sloboden covek ili sloboden pazar1Извор: youngeconomicminds.com

Теориски, проблематични се барем два аспекта: (1) самата премиса за немешање на владата во економијата имплицира реална загроза на демократијата од страна на плутократијата. Зашто, задачата на една демократска влада е да ги застапува и брани интересите и потребите на народот. А тоа значи да ги насочува (контролира) сите сфери на општественото живеење сообразно на споменатата цел. Така, доколку економските односи доведат до загрозување на елементарните социоекономските интереси на народот (кои една демократија треба да ги застапува и гарантира) – не е ли ДОЛЖНОСТ на владата на интервенира? (2) Теоријата laisezz-faire ја издига бизнис-заедницата како општеството pars-pro-toto. И доколку социјализмот беше (со право!) земен на нишан заради (не)славната максима „диктатура на пролетеријатот“, вака конципираниот слободен пазар implicite постулира „диктатура на капиталократите“. 

Интернационала – ама плутократска?

Но додека теориските проблеми секогаш се подложни на свивање и растегање, „за“ и „против“, емпиријата е неумолива. А таа покажа дека слободниот пазар е мит и дека е реално неодржлив: финансиската криза од 2008 се претвори во операција за спас на големите банки („too big to fall“), со што идеолозите на слободниот пазар (идеолошки) си пукаа во нога, прекршувајќи ја светоста на Вашингтонскиот консензус за немешање на државите во пазарот. Се покажа, имено, дека државниот интервенционизам во економијата бил во ред, но само ако се спасуваат патниците од луксузните кабини на бродот наречен „општество“, додека интервенциите со одржлива социјална цел (бесплатни/достапни здравство, домување, образование) се неприфатливи. 

Лицемерието на неолибералната доктрина на слободниот пазар не застанува тука. Имено, богатите држави од OECD кои се архитекти и заговорници на догмата на слободниот пазар, идеолошки олицетворена во повоениот Бретон-Вудс систем и Вашингтонскиот консензус го поистоветуваат отворањето на пазарите со демократи(заци)ја, додека во последниве децении агресивно ги бранат своите пазари од кинескиот капитал. 

Каде е тука демократијата? Најпрвин да расчистам една работа: како анархист, не верувам во демократија. Таа е само уште еден систем за владеење ВРЗ народот – демократура, а не владеење НА народот. Па сепак, верувал(е) или не во демократијата, сите имаме еден општоприфатлив консезус што таа е, поточно што треба да биде: политички систем, заснован на „волјата на народот“ која се остварува преку избирање на претставници од страна на народот, кои отчетно треба да управуваат со јавните работи во негово име и интерес. 

Јасно е дека најголемиот дел од народот не го сочинуваат велепоседниците на капиталот, туку носителите на производството, односно трудот – мануелен и интелектуален. Јасно е, исто така, дека одлуките што се носат, не се носат во интерес на ова мнозинство кое ги избира носителите на овие одлуки (кои наедно имаат контрола и врз нивното извршување), туку се носат според интересите на едно супермалцинство – финансиската елита. Финансиската криза од 2008 недвосмилено го илустрираше тоа: ако големите финансиски конзорциуми, кои ги отпуштаат своите директори со милионски отпремнини, се „преголеми да паднат“, а мојата генерација миленијалци, која мора да се задолжи за да (пре)живее, е неважна, природно се поставува логичкото прашање: дали оваа реалност отсликува демократија или плутократија? 

Прашање кое, покрај тоа што е логичко – за жал! – е и реторичко. Доволен е еден поглед врз механиката на носење важни одлуки во светот и кај нас: лобисти од корпоративно-финансикиот сектор го преплавуваат Европскиот парламент, стопанските комори ги потиснаа сидикатите, кои се маргинализирани во носењето одлуки или сведени на „англиска кралица“. Референтен не е народот и неговата добробит („wellfare-state“) туку капиталот и добробитта на елитата која располага со него. Интернационалата воопшто не е мртва, туку само го смени својот лик: ако во минатиот век се појави како меѓународно работничко движење, во неолибералниот глобализам се претвори во банкарско-трустовска интернационала. 

Ништо ново под сонцето?

Како медиевалист, не можам да не забележам дека „совршениот“ неолиберален систем што го заговараше Фукујама, всушност е повторување на некои историски обрасци, а не прогрес и „крај на историјата“. Парадигматските сталежи на средновековитето: селаните, витезите, свештениците денес се заменети со прозводители, бизнис-заедница, банкарски (финансиски) сектор. Христијанско-теолошката метафизика на свештениците е заменета со банкарска метафизика: банките, како и христијанските теолози, го држат во рацете човештвото со догмата на долгот, печатејќи пари од ништо („creatio ex nihilo“). Ако средновековниот човек цел живот го отплаќал долгот кон теолошкиот бог, денешниот постмодерен човек цел живот го отплаќа долгот кон својата банка. Денешниот човек е сѐ повеќе отуѓен од придобивките од својот труд, закрепостен и зависен од капиталот, додека единствено крупните носители на тој капитал уживаат вистинска слобода на движење и располагање со себе си и своите добра. (Една попатна забелешка: ако православието и католицизмот го легитимираа феудалниот поредок, не треба да не чуди што најсовремената верзија на христијанството, американскиот евангелизам толку ревносно го брани неолибералниот капитализам!) 

Пазарот е спонтана општествена појава – и, во таа смисла, природна. А човекот, како „суштество обдарено со разум“ (Аристотел) се карактеризира со увид во и стремеж за контрола на природните (спонтаните) појави. Оттука, слободниот пазар едноставно не може да значи неконтролиран пазар, исто како што слободната природа не е природа која ја оставаме да беснее со пожари, поплави, урагани… Прашањето е кој, како и со која цел контролира. Поединците се тие кои ги произведуваат и на кои им се потребни добрата, оттука пазарот треба да биде контролиран така што ќе им биде подреден на интересите на поединците, а не на елитите на капиталот. Изминатите децении, општествената стварност нѐ соочи со просто прашање, чија тежина, меѓутоа, е хамлетовска: „слободен“ пазар или слободен човек? Дали ќе дозволиме „слободниот“ пазар и натаму да биде плутократски инструмент, или конечно ќе го подложиме на прав(едн)а, а не идеолошка демократизација?

respublica.edu.mk

Сподели: