Уште тројца обвинети за железничката несреќата во Грција

Сподели

 

Двајца вработени во железничката станица во Лариса кои си заминале порано од работа кобната ноќ и уште еден железнички инспектор што го именувал шефот на станицата во Лариса, се тројцата дополнително обвинети лица за железничката несреќа во Грција, во која на 28 февруари годинава животот го загубија 57 лица, пренесува грчкиот весник Катимерини.

Грчките надлежни власти ги товарат трите лица за загрозување на безбедноста во сообраќајот и за повеќекратни кривични дела, вклучувајќи убиство од небрежност и нанесување телесни повреди. Доколку судот го прифати обвинителниот акт, овие лица може да добијат затворска казна од минимум 10 години, до доживотен затвор.

Непосредно по железничката несреќа, полицијата го уапси шефот на железничката станица во Лариса, чија погрешна одлука за насочување на ист колосек предизвика директен судар на патничкиот воз Атина-Солун со товарен воз кој се движел во спротивниот правец.

Железничкиот инспектор е обвинет дека го назначил неискусното 59-годишно лице, како шеф на значајната железничка станица во Лариса, да ги извршува ноќните смени. Другите двајца вработени, наместо да бидат на работното место до 23 часот кобниот ден, тие си заминале порано од предвиденото. Судирот на двата воза се случи во 23:22 часот по грчко време./Мета.мк