Вучиќ и Курти се обврзаа да го решат прашањето за исчезнатите лица на Косово

Сподели

 

Српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти денеска ја прифатија декларацијата за исчезнатите лица како дел од дијалогот за нормализација на односите, пишува Мета.мк.

Во декларацијата која ја објави Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС) тие се обврзаа да соработуваат за идентификување на гробните места и да ги следат ископувањата за да се лоцираат и идентификуваат исчезнатите лица во периодот од 1998 до 2000 година.

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел изјави дека двете страни го прифатиле прашањето за исчезнатите како хуманитарно и се согласиле за потребата од дополнителни напори за олеснување на ситуацијата на погодените семејства и заедници.

Оваа тема е дел од дијалогот за нормализација на односите меѓу Косово и Србија. Вучиќ и Курти ќе разговараат и за нацрт статутот на Заедница на општини со српско мнозинство на северот на Косово.

На 27 февруари, Вучиќ и Курти се сретнаа во Брисел, а по средбата, Борел соопшти дека двете страни го прифатиле договорот за нормализација на односите. Но, на следната средба во Охрид на 18 март, тој рече дека анексот на договорот, кој го претставува планот за имплементација на основниот договор, е прифатен, но ниту една страна не го потпиша договорот или анексот./Meta.mk