ЗНМ: Нема сериозни промени во медиумската сфера

Сподели

Здружението на новинарите на Македонија го претстави годишниот извештај за показателите за степенот на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите во Македонија, изготвен во рамките на проектот Регионална платформа на Западен Балкан, финансиран од Европската комисија.

Во сите три главни индикатори на извештајот, како што се правната рамка за слободата на медиумите, позицијата на новинарите во редакциите и безбедноста на новинарите, во 2018 година нема сериозни промени во медиумската сфера.

Извештајот го претстави директорот на ЗНМ, Драган Секуловски кој истакна дека Владата не успеала да ја подобри медиумската регулатива која подолго време беше најавувана. „Измените и дополнувањата на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, кои требаше да создадат подобар амбиент за работа на медиумите, не е усвоен во Собрание. Охрабрени сме дека власта и опозицијата се блиску до договор и до крајот на годината законот да биде изгласан“, рече Секуловски.

Тој упати критика дека Владата не успеала да ги заврши и останатите медиумски законски проекти, што ги дала како ветување во рамките на  реформскиот план 3-6-9, како што се донесување на измените и дополнувања на Законот за клевета и измените и дополнувањата на Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер.

„Во 2018 година, не само што немаше подобрување на законската медиумска легислатива, напротив имаше дури и одредено назадување“, истакна Секуловски и додаде дека во текот на летните одмори, без никаква дебата и целосно нетранспарентно, Владата ги усвоила измените и дополнувањата на Изборниот законик и Законот за финансирање на политичките партии. „Овие измени овозможуваат на парламентарните партии да трошат јавни пари за финансирање на медиумската политичка пропаганда за време на изборна кампања и референдуми“, рече Секуловски.

Според ЗНМ, ваквите измени ќе имаат негативно влијание врз слободата на медиумите бидејќи тоа е заобиколен начин за враќање на владините реклами, со кои во минатото претходната власт ја купуваше наклонетоста на медиумите и влијаше врз нивната уредувачка политика.

Секуловски се осврна и на работата на судовите во земјата по однос на нивно постапување за тужбите за клевета и навреда. Според ЗНМ, годинава е забележана и несоодветна примена на медиумската регулатива. „Постои неусогласена судска пракса за Законот за клевета. Граѓанскиот суд и Апелациски суд во Скопје ги одбиваат тужбите за клевета против онлајн медиумите со објаснување дека не се медиуми, додека останатите Апелациски судови постапуваат спротивно. ЗНМ побара Врховниот суд да ја усогласи судска пракса, но досега нема став од судот“, истакна Секуловски.

Безбедноста на новинарите оваа година бележи одредено подобрување, меѓутоа политиката на неказнивост на напаѓачите на новинарите се уште останува присутна. „Бројот на напади е намален за три пати, а донесени се и првите судски пресуди против оние што напаѓаа новинари во минатото. За жал, политиката на неказнивост во Македонија има длабоки корени. Од 59 напади, досега се разрешени само два“ рече Секуловски и додаде дека новинарите нема да бидат безбедни се додека институциите не го истражат целосно и последниот напад на новинари и додека одговорните не се изведат пред лицето на правдата.

Во извештајот е забележано дека нема подобрувања ниту во однос на позицијата на новинарите во редакциите, професионалната етика или пак за нивото на цензура. „Во Македонија речиси пола од новинарите имаат помала плата од државниот просек, кој изнесува околу 24 илјади денари. Мнозинството новинари немаат договори за вработување на неопределено време, а 19 отсто се привремено ангажирани како хонорарни работници. На над 55 отсто од новинарите им доцнат платите“, истакна Секуловски.

На крај Секуловски апелираше Владата да ја разбере сериозноста на ситуацијата со која се соочуваат медиумите и новинарите и да ги врати медиумските реформи во Планот 18. „Без слобода на изразување Македонија нема да направи значаен прогрес во евроатланската агенда, а земјата ќе остане на дното на светските индекси за слобода на изразување.“ рече тој.