„17“ е годинешниот македонски кандидат за Оскар во категоријата “Најдобар меѓународен филм“

Сподели:

Долгометражниот игран филм „17“ во режија на Косара Митиќ и продукција на Томи Салковски е годинешниот македонски кандидат за Оскар во категоријата “Најдобар меѓународен филм“.

Одлуката ја донесе Комисијата за избор на македонски кандидат при Друштвото на филмските работници на Македонија, чиј состав е прифатен и одобрен од Американската Академија за филмски уметности и науки.

По успешниот фестивалски пат и бројните меѓународни признанија, изборот за македонски кандидат за Оскар претставува уште едно значајно признание за „17“, филм кој зад себе веќе има успешен меѓународен фестивалски пат и бројни награди и признанија. Оваа номинација ја потврдува синергијата на сите филмски елементи, визуелниот идентитет на филмот, силата на авторскиот пристап на Косара Митиќ како и универзалноста на приказната што е раскажана.

„’17’ е мојот прв долгометражен филм и проект во кој вложив многу лична енергија и верба. Сметам дека успеав да раскажам приказна за она што често останува премолчено – за агонијата на тишината, но и за силата на солидарноста. Меѓународната афирмација на филмот и патот од премиерата на Берлинале па се до изборот за македонски кандидат за Оскар е огромно професионално задоволство и истовремено потврда дека оваа интимна приказна успева да допре до публиката и сите оние кои досега дадоа оценки за ’17’“, изјави режисерката Косара Митиќ.

 „ Да се биде македонски кандидат за Оскар е големо признание, но и сериозна обврска. Пред нас е важен период во кој треба да обезбедиме уште поголема меѓународна видливост на филмот и со многу посветеност да ја искористиме можноста ’17’ да стигне до членовите на Академијата и до пошироката филмска јавност. Неопходно потребна ќе ни биде институционалната поддршка и поддршката од филмската заедница, медиумите и публиката. Нашата цел е да направиме сè што е во наша моќ ’17’ да стигне до престижната номинација за Оскар и со тоа да ја возвиши националната култура“, изјави продуцентот Томи Салковски.

Светската премиера на „17“ се одржа на 76. Берлински филмски фестивал , каде филмот наиде на одличен прием кај меѓународната филмска критика и публиката. Оттогаш, „17“ бележи успешен фестивалски пат, со досега освоени 11 меѓународни и регионални награди и признанија. Фестивалскиот живот на филмот продолжува и во наредниот период, со нови проекции и претставувања пред меѓународната публика, а наскоро се очекува и неговата македонска премиера.

За Филмот „17“:

Филмот „17“ е македонско-српско-словенечка копродукција, финансиски поддржана од Агенцијата за филм на Северна Македонија, Филмскиот центар на Србија, Словенечки филмски Центар и СЕЕ Синема Нетворк (SEE Cinema Network). Сценариото е потпишано од Косара Митиќ и познатиот хрватски автор Огњен Свиличиќ. Продуцент на филмот е „Црна Мачка Продукција“, во копродукција со „Арт&Попкорн“ од Србија и „Децембер“ од Словенија, а меѓународната продажба на филмот ја работи „Tотем Филмс“ од Франција.

ПР АПРА

Сподели: