Вести Македонија Топ теми Ударни вести

АНАЛИЗА: Кои медиуми се офајдиле најмногу, а кои најмалку од колачот за владини реклами

Сподели:

Владата не ги откри имињата на телевизиите што добивале милиони евра од претходната власт за емитување на владините кампањи, но ако се направи мала анализа на објавените податоци за комерцијалните телевизии со национална концесија, може да се види кои се телевизиите што стојат зад шифрите во табелите што ги објави Владата. Ако се споредат претходно објавуваните податоци од институциите со сегашните, проекциите говорат дека најмногу пари и милионски суми од колачот добиле „Сител“, „Канал 5“ и „Алфа“, а најмалку „Телма“ и „Алсат-М“. Значаен дел од 2,8 милиони евра добила и телевизијата со шифра 44, за која лесно може да се претпостави дека е „А1-телевизија“ поради празните полиња во табелата за податоци по 2011 година, откако таа беше затворена.

Кои се телевизиите што стојат зад шифрите 11, 22 и 33, кои добиле повеќе од 15 милиони евра од колачот за владини реклами? Владата ги објави податоците според кои најмалку 38 милиони евра биле потрошени од претходната власт за кампањи и за пропаганда во електронски и во печатени медиуми во Македонија во периодот од 2008 до 2015 година, а една телевизија добила цели 7 милиони евра.

За оригиналната табела од Владата кликнете тука Парите биле давани од буџетот за владините реклами, како кампањите против абортусот, кампањите за трето дете и за здрава храна, кампањата „Истражи ја Македонија“,„Ден на дрвото“ итн. Во сумата сè уште не се пресметани 2006, 2007 и 2016 година затоа што, според Владата, „не биле пронајдени документите за тие години“. Во овие бројки не се вклучени ниту кампањите нарачувани од министерствата во владата на Никола Груевски. Иако Владата не ги објави имињата на телевизиите што добивале пари од владините реклами, по пат на елиминација може да се види кои добиле најмногу, а кои најмалку пари од буџетот за реклами. Во табелата за комерцијалните телевизии со национална концесија има шест телевизии. Една од нив, со шифра ТВ 44, се губи во 2012 година, па лесно може да се заклучи дека станува збор за „А1-телевизија“ која престана да постои во 2011 година. Друга телевизија, пак, со шифра 33, има празни полиња во табелата, односно не земала средства од владините реклами од 2008 до 2011 година, па може да се претпостави дека се работи за телевизијата „Алфа“, која токму во тој период ја промени уредувачката политика и почна со поддршка на претходната власт.

За оригиналната табела од Владата кликнете тука

Ексдиректорот на „Телма“, Ристо Лазаров, ни рече дека „Телма“ е телевизијата што земала најмалку средства од владините реклами „поради нивната строга политика на плаќање“.

Лазаров, кој беше на чело на „Телма“ до јули 2014 година вели дека тоа не го гледале како некое политичко прашање, туку како финансиско.

„И едните и другите нè прелажаа, ни останаа должни. Потоа донесоа закон, ако останат должни, тоа да се брои како некакво спонзорство. Нас затоа не нè есапеа партиите. Ние тогаш воведовме строги правила на авансни плаќања и така бевме ни на небо ни на земја. Ние работевме со партиите само во изборните циклуси, каде јасно го кажувавме ценовникот, попуст не дававме и имавме ист аршин за сите. Исто така е важно што не зависевме од тие реклами, па не се продаваме за нив. Имавме стабилен извор на пари, а со пари ги купуваа другите медиуми, им даваа баснословни и целосно нереални суми на „Сител“ и на „Канал 5“ и така ја добиваа нивната поддршка“, вели Лазаров.

И сегашниот директор на „Телма“, Атанас Кировски, вели дека нелојалната конкуренција во медиумскиот бизнис е очигледна. Тој не можеше конкретно да ги потврди објавените бројки во однос на рекламите, но рече дека откако е тој директор, од јули 2014 година, телевизијата не зела ниту 100.000 евра.

Ако, пак, се земат предвид податоците објавени претходно од Александар Кирацовски, дополнителниот заменик-министер за информатичко општество, дека во последните три години Владата им префрлила вкупно 13 милиони евра на „Сител“, „Канал 5“ и на „Алфа“, може логички да се претпостави дека тие се водечките три телевизии што зеле најмногу средства и во периодот од 2008 до 2015 година за владини реклами. Кирацовски објави дека во тој период, „Телма“ и „Алсат-М“ добиле вкупно 360.000 евра или 35 пати помалку од другите три телевизии.

Главниот и одговорен уредник на „Сител“, Драган Павловиќ-Латас, вели дека не може да каже дали „Сител“ е телевизијата што земала најмногу пари за владини реклами – дури 7 милиони евра. Тој вели дека за да го оцени тоа, треба да ги види податоците и да ги спореди бројките.

„Не знам дали „Сител“ е таа што земала најмногу затоа што треба да ги споредам сите податоци. „Сител“ е комерцијална фирма која продава услуги. И СДСМ да плател за реклама, ќе ја добиел. И невладини организации да плателе, ќе ги добиеле. Нас ни е работа да продадеме рекламен простор и таа можност ја нудиме на сите заинтересирани. Друга работа е тоа што „Сител“ има помеѓу 40 и 50 отсто удел во пазарот. Ако тој што ги распределувал рекламните објави се држел до најнормалните правила на пазарот, секако дека „Сител“ треба да добие најмногу. Може да се види дури и дека не е застапен медиумот колку што налагаат пазарните правила – има добиено помалку отколку што има удел на пазарот“, вели Павловиќ.

На прашањето дали на овој начин, преку финансиски владини инјекции била купувана поддршката од „Сител“ за претходната власт, Павловиќ одговара дека така не се купува уредувачка политика.

„Од кого била купена „Телма“? Дали е нејзината уредувачка политика купена? Кои странци ја купиле „Телма“, ако така се купува? Ако така се купувало, кога СДСМ беше во опозиција, очигледно немаше проблеми со пари, па исто можеше да купи. Тоа нема влијание. Владата е огласувач како и секој огласувач“, коментира тој.

Директорот на „Канал 5“, Иван С. Мирчевски, ни одржа една кратка лекција за професионално новинарство и за култура и во телефонски разговор ни кажа дека не сака да комуницира за парите што компанијата ги добила од колачот за владини кампањи.

„За нас тоа е деловна тајна. Владата сме ја третирале како и секој комерцијален субјект. И ние сакаме да дознаеме која телевизија колку пари зела, но тоа најдобро е да го каже тој што ги објавил податоците“, вели Мирчевски.

Иако се обидовме да го контактираме телефонски за кратка изјава, програмскиот директор на „Алфа“, Љубомир Николовски, не беше достапен за коментар на темата.

Оперативниот директор на „Алсат-М“, Лирим Хајредини, вели дека не може точно да потврди под која шифра е нивната телевизија во објавените податоци на Владата, но потврдува дека сигурно е меѓу последните на листата.

„Телевизијата „Алсат-М“ е транспарентна и ние можеме и да ги објавиме бројките. Секако сме меѓу тие што зеле најмалку. Немаше никакви критериуми според кои тие пари се доделуваат, а гледаноста сигурно не била главен критериум за доделување“, вели Хајредини.

Жанета Трајкоска од Институтот за комуникациски студии вели дека и пред да добиеме официјални информации за тоа колку пари се слеале во медиумите од страна на претходната влада, јасно било дека владата на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ ја купува поддршката на медиумите со буџетски пари, преку рекламите и јавните кампањи.

„Овој систем на корумпирање беше воспоставен со години наназад и тој ги инфицираше редакциите и сериозно влијаеше на медиумската содржина, на вестите, документарната програма, па дури и на утринските емисии. За жал, таа влада отиде и подалеку. Тие купија медиуми преку свои блиски партиски соработници и создадоа нови медиуми, најголем дел портали, но направија и регионална мрежа на локални медиуми. Значи, мислеа на сè“, вели Трајкоска.

Владата ќе му плаќа на Фејсбук за спонзорирани постови
Една од првите мерки на новата влада беше укинувањето на владините реклами кои со години претставуваа главен извор на корупција и на купување на медиумите од страна на претходната власт. Со новата власт, дојде и долго посакуваниот нов пристап, според кој Владата повеќе нема да има реклами, туку најавува дека сите информации кои се од сервисен и услужен карактер за граѓаните ќе бидат објавувани во рамките на програмата на јавниот сервис и на социјалните мрежи.

Владиниот портпарол Миле Бошњаковски (за ПИНА) потврди дека Владата ќе им плаќа на „Фејсбук“ и на другите социјални мрежи за спонзорирани огласи и објави. Според Владата, ваквото плаќање на државата кон странските компании како „Фејсбук“, ќе се прави „само за промоција на услуги од интерес на граѓаните“.

„На МРТВ ќе бидат емитувани само информации за тие активности што се сервисни или услуги наменети за граѓаните и за кои граѓаните на Македонија е потребно да бидат информирани за да знаат како да аплицираат, да искористат одредена услуга“, вели Бошњаковски.

Бошњаковски вели дека кога ќе има потреба да се информираат граѓаните преку МРТВ, ќе се направи и проценката за креативниот аспект, односно дали ќе има телоп со информации, ќе се сними наративен видеоспот или друго при што може да ангажираат надворешни маркетинг-агенции или други субјекти. Тој додава дека ваквата проценка ќе се прави по потреба, но во најголем дел ќе се користат ресурсите на јавниот сервис.

Според Бошњаковски, Владата нема самата да се рекламира на социјалните мрежи, туку ќе бидат емитувани исклучиво тие активности кои се сервисни или услуги наменети за граѓаните.

Кој ќе одлучува што е сервисна информација? Дали и преку новиот систем за информирање на граѓаните за активностите на Владата, се можни злоупотреби? Дали социјалните мрежи може да станат нова платформа за ширење кампањи за добрата работа на Владата?

Од Владата засега не откриваат колкав буџет ќе се троши на промоција на спонзорирани објави на социјалните мрежи. Неофицијално, при споменувањето на суми од 5.000 до 10.000 евра, извори од Владата велат дека „нема шанси“ да бидат трошени толку пари, туку „многу помалку“.

Иако парите што ќе се даваат на социјалните мрежи се многу помали за разлика од претходно, важно е што ќе се спонзорира и пред која публика, велат познавачите.

Кај нас и досега имаше политичко рекламирање на социјалните мрежи, но не и државно.

Стручњакот за дигитални медиуми, Зоран Ричлиев, вели дека рекламирањето на социјални мрежи, во идеална демократска средина е многу добар, но не и идеален начин за дистрибуција на информации. Од една страна, тоа е значително поевтино и поефикасно од традиционалното рекламирање, но има и „сериозни недостатоци кои ги знаеме, како и опасности за кои сè уште не знаеме“. Според него, друг проблем е што парите се одлеваат надвор од државата, иако мора да се каже дека станува збор за многу помала сума во споредба со претходно.

„Доколку навистина се случи тоа, еден од проблемите ќе биде дигиталната поделеност. Сервисните информации, доколку навистина само тоа се пласира со помош на платено рекламирање на „Фејсбук“ и на „Твитер“, ќе стигнуваат само до граѓаните што се корисници на тие мрежи, а не и до тие што немаат профили – најчесто постарите и тие во руралните средини. Тоа е дигитална дискриминација“, вели Ричлиев и додава дека социјалните мрежи сè повеќе стануваат клучно поле за политичка битка и ниту еден детаљ не смее да се занемари.

Ричлиев нагласува дека социјалните мрежи се сива зона како во поглед на легислативата, така и во поглед на транспарентноста и на идентитетот на субјектите.

„Со само 1 процент од буџетот што, според тврдењето на сегашната влада, бил потрошен на рекламирање од 2006 до 2016 година, на социјалните мрежи би се постигнало огромно влијание и ефект, дури и во однос на надворешната политика. Сепак, според најавите, Владата ќе „буста“ само сервисни информации. Тогаш, земајќи предвид дека се обраќа на само 2 милиони граѓани, тоа би го постигнале со само 5.000-10.000 евра годишно, но еве нека бидат и 50.000 до 100.000 евра. Тоа се многу малку пари за држава, а многу моќ. Нашата демократија е млада и не сме сигурни кој колку ќе одолее на предизвикот на злоупотреба. Ако не оваа Влада, можеби некоја следна“, коментира тој.

Од Владата засега не објаснуваат кој ќе одлучува што е кампања од јавен интерес, а што сервисна информација. Децидно повторуваат дека владини реклами нема да има и исклучиво ќе се пуштаат само тековни сервисни информации преку јавниот сервис и социјалните мрежи.

Ограничувањето на владините реклами на јавниот сервис и на социјалните мрежи е во вистински правец, но сепак треба да се внимава како правно ќе се регулира и како ќе се следи спроведувањето на оваа мерка во практика, смета Александар Јованоски, програмски координатор за демократија и за владеење на правото во Институтот за европска политика (ЕПИ).

„Внимателно треба да се следи објавувањето на информативни содржини преку социјалните медиуми, бидејќи тие се и најтешки за регулирање и за следење. Транспарентната политика е вистинската политика. За да се избегнат шпекулации за наводни злоупотреби на овие средства за информирање, Секторот за информирање на Владата треба месечно да ги информира јавноста и стручњаците за кои информативни кампањи станува збор и која е нивната намера и цел, времетраењето, како и финансиската конструкција на кампањата“, вели Јовановски.

Според него, особено треба да се внимава за каков тип информации станува збор и дали постои јасно разграничување помеѓу активности на Владата и на државните институции и активностите на одредени политичари.

Владини службеници – дежурни политички коментатори на социјалните мрежи
Често може да се забележи дека дел од вработените во новата владина администрација на своите фејсбук-профили коментираат дневна политика, а една од омилените теми за коментирање е и противникот на политичката сцена. Социјалните мрежи оставаат простор некој што е вработен во Владата да влијае врз јавното мислење преку промоција на владините активности и ставови, со фалби за работата на Владата, но и со критика на другите партии. Дали дел од вработените во тимот за односи со јавноста на Владата преку социјалните медиуми се можеби задолжени да прават промоција на проектите на Владата на своите лични профили?

„Не. Вработените во Одделот за односи со јавноста имаат други обврски. Тие се задолжени за комуникацијата на Владата преку медиумите во Македонија на дневна основа, односно со информативните редакции. Алатките што ги користат вработените во Одделот за односи со јавноста се прес-конференција, соопштенија за јавност, одговори на прашања, а сите тие се користат единствено во насока на комуникација со медиумите, односно новинарите“, вели Бошњаковски.

Сепак, иако се работи за нивни лични профили, државните службеници се обврзани со кодекс на работа, според кој тие мора да се однесуваат политички неутрално. „Административниот службеник не го застапува и изразува своето политичко уверување во вршењето на службените задачи и не врши политички активности, што можат да ја поткопаат довербата на граѓаните во администрацијата и во институциите од јавниот сектор. Административниот службеник не ја истакнува, ниту ја наметнува на други својата политичка определба. Административниот службеник не се доведува во состојба на судир на личниот со јавниот интерес и се спротивставува на секое нечесно, несовесно и недолично однесување во службата“, се вели во дел од точките на тој кодекс.

Владиното рекламирање беше споменато и во извештаите од кои произлегоа реформските приоритети што Македонија треба да ги преземе во следниот период. Според препораките на Европската комисија, потребно е да се воспостават строги правила за владино рекламирање засновани на транспарентни, објективни и недискриминаторски критериуми, „да се обезбеди целосна транспарентност на владиното рекламирање (не само во поглед на трошењето на јавните финансии, туку и во поглед на примателите и на содржините) и да се развие механизам за неплатени објави на јавниот сервис кои се навистина од јавен интерес“.

 

foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ – Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка од „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Сподели: