DW:Германски фирми отстапуваат маски, Фолксваген ќе произведува медицинска техника

Сподели

 

Германските автомобилски производители и други фирми, поради кризата со коронавирусот, најавија ставање на располагање повеќе стотици илјади маски за лице заради спасување животи. Заштитните маски, кои беа користени делумно во сега запреното производство и се од сопствени залихи, треба да им бидат ставени на располагање на болниците, лекарски ординации и здравствени служби. Фолксваген планира освен тоа со помош на 3Д печатачи да произведува делови за медицинска техника, на пример вентилатори за апарати за дишење, пренесува Дојче веле.

Од централата на Фолксваген вчера изјавија дека планираат лиферување до надлежните служби на речиси 200.000 заштитни маски од категории ФФП-2 и ФФП-3, двете спаѓаат во категоријата која нуди професионална заштита од предизвикувачи на болести или штетни материи во воздухот. Донацијата е координирана со сојузниот министер за здравство Јенс Шпан. Гунар Килиан, член на раководството на Фолксваген изјави: „Вработените во јавното здравство во моментов даваат огромен придонес за општеството. Убедени сме дека во моментов заштитните маски ним им се најпотребни.“

Aвтомобилскиот производител ја разгледува можноста во одделни свои погони да произведува делови за медицинска техника. „Медицинската опрема за нас е нешто ново, но штом успееме да се подготвиме за предизвикот, можеме да стартуваме“, изјави Килиан. Станува збор за компоненти кои можат да се произведуваат со 3Д печатачи од пластични делови.

DW