Вести Изјави Македонија Ударни вести

Еднакви можности и инклузија на лицата со попреченост е приоритет на оваа Влада

Сподели:

 

Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски се обрати на настан по повод 3 декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост. На настанот се промовираше нацрт-стратегијата за правата на лицата со попреченост 2023-2030 година кој се изработи во организација на Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на ООН за правата на лица со попреченост и Министерството за труд и социјална политика, а со поддршка на Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ).

 

 

„Денес сакам да упатам голема честитка за Меѓународниот ден на лицата со попреченост. Кога инвестираме во стратегии и политики на повеќе нивоа ја докажуваме нашата борба против стигмата, против дискриминацијата и сме потсетник и инспирација за секој поединец дека лицата со попреченост ги имаат сите права како секој граѓанин и секое дете, како секој млад човек на оваа држава.

Во мое име и во име на Владата сакам да изразам голема благодарност за искажаната подготвеност на Германското друштво за меѓународна соработка и на тимот на Агенциите на Обединетите Нации за поддршката на овој исклучително значаен системски процес за изработка на овој документ со кој се унапредуваат на правата на лицата со попреченост во Северна Македонија, преку широка соработка со организациите на лица со попреченост и државните надлежни институции.

Во оваа прилика сакам да упатам јасен повик до сите министри во Владата, активно да се вклучат во понатамошната разработка на Стратегијата, односно во креирањето на акцискиот план. Воедно, повикувам активностите кои ќе произлезат оттаму, да бидат ставени високо на агендата со што ќе се осигура нивна динамична имплементација. Ако имате само стратегија без нејзина имплементација, тогаш тоа нема да даде резултати.

 

 

Затоа за идната година, се договорив со МОН во 100 училишта во државата да бидат изградени пристапни рампи за лица со попреченост. Криза е криза, меѓутоа такви финансиски средства, МОН сметам дека може да најде и тоа да се направи. Лицата со попреченост, мора да бидат вклучени во одлуките што влијаат врз нив. Препораките на ОН јасно повикуваат на конструктивен дијалог со репрезентативните организации. Затоа како Влада досега повеќе пати сме покажале дека здруженијата на граѓани, невладиниот сектор се наши партнери во креирањето политики, стратегии и во носењето одлуки. А кај мене лично Теодор ќе биде лице кое директно ќе учествува во носењето на одлуките.

Направивме и законски измени за децата со инвалидитет, како и за нивните семејства. За мене како човек секое дете има право да ги ужива сите услови на добар и квалитетен живот. Затоа и ја зголемивме висината на посебниот додаток, за децата со попреченост до 26 годишна возраст. Ја проширивме и категоријата за користење на услугата лична асистенција и за лицата со комбинирана попреченост. Министерството за труд и социјална политика во рок само од 4 месеци годинава, отвори три мали групни домови за поддржано живеење на лица со попреченост. Предучилишното образование е исклучително важно за раниот детски развој и овозможува полесна интеграција во општеството за сите деца, а особено за децата кои живеат со попреченост. Со таа цел МТСП издаде осум решенија за нови градинки, еден дневен центар, а во тек е изградба на 12 градинки и еден дневен центар. Вклучувањето во образовниот процес и обезбедувањето еднакви услови за сите деца е еден од нашите приоритети како Влада и затоа за учебната 2022-2023 година обезбедивме средства за вработување на 725 образовни асистенти во наставата кои се поддршка на наставниците и учениците со попреченост.

Дополнително направивме и законски измени со кои возрасната граница за користење на услугата на личната асистенција ја намаливме од 18 години на 6 години, со што сакаме да го поддржиме вклучувањето на децата во редовниот образовен систем и во општеството во целина. Владата донесе Уредба за правото на лицата со попреченост да бидат ослободени од партиципација за студирање и со оваа мерка, очекуваме зголемување на бројот на студенти на високо-образовните институции.

Би сакал да ја споменам и првата софтверска апликација-аудио читач на македонски и албански јазик, што беше промовирана пред една година, со која бесплатно им се овозможува на лицата со оштетен вид непречено да користат компјутери, интернет, мобилни телефони и други современи уреди.

 

 

Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на Обединетите Нации, во соработка со Министерството за труд и социјална политика, Министерството за образование и наука и Министерството за здравство, а со поддршка на УНИЦЕФ, ја иницираа и ја имплементираат реформата за функционална проценка на деца и млади со попреченост, наспроти досегашните медицински категоризации. Со оваа реформа, децата и младите со попреченост на едно место ќе ги добијат информациите за правата кои им следуваат и ќе добијат препораки за истите.

 

Сподели: