Екологистите бараат построги мерки против аерозагадувањето

Сподели

 

Наместо тесно-партиски ставови и обвинувања, од Еко-свест бараат многу позасилени напори и работење во континуитет за изнаоѓање системски одржливи решенија, со кои аерозагадувањето во Скопје ќе се намали, а со тоа и ризиците по здравјето на неговите жители, пренесува мета.мк.

Од Еко-свест велат дека голем дел од краткорочните мерки и препораки, како и нивниот ефект, зависи од тоа колку ќе бидат прифатени препораките од индустриите и претпријатијата.

„Актуелната листа со краткорочни мерки е усвоена во ноември 2017 г. и се применува веќе четири години, а досега се покажало дека има многу ограничен ефект. Ова значи дека истата треба да се ревидира и да се воведат нови построги краткорочни мерки, во услови кога воздухот е екстремно загаден“, велат од Еко-свест.

Тие додаваат дека на среден и долг рок треба целосно да се реобмисли сообраќајот и урбанизмот во Скопје и во целата држава. Инвестициите во енергетска ефикасност многукратно да се зголемат, да се засили контролата на индустриските капацитети, но и да се започне со реализација на децентрализирани системи за греење на обновливи извори.

Истовремено, Еко-свест апелира и ги повикува надлежните институции повторно да ја реактивираат интер-секторската работна група за амбиентален воздух која работеше под закрила на заменик-министерот за животна средина и просторно планирање. Состојбата со загадениот воздух во Скопје и државата сериозно ќе почне да се решава на долг рок и со лансирањето на долгоочекуваниот Фонд за животна средина, кој властите треба што поскоро да го воспостават како независен финансиски механизам.

Од „Зелен хуман град“ пак реагираат дека мерките од типот на бесплатен јавен превоз во денови на алармантно загадување на воздухот немаат речиси никаков ефект. Тие додаваат дека не постои поврзаност меѓу бројот на возила во Скопје и концентрациите на ПМ 10 честички во воздухот.

„Во Заедничкиот ревизорски извештај за квалитет на воздухот на EUROSAI – Европската организација на врховни ревизорски институции може да се види дека главен извор на загадување во Македонија е индустријата“, велат од „Зелен хуман град“, барајќи зголемени инспекциски контроли и надзори врз индустриските капацитети од секаков вид, но и градилиштата.

Пратеничката на ДОМ, Маја Морачанин пак потсетува дека општините и Градот Скопје добија надлежност да спроведат краткорочни мерки во случаите на надминување на праговите на алармирање за загадениот воздух, а со цел подобрување на квалитетот на воздухот. Измените и дополнувањата на Законот за квалитет на амбиентниот воздух беа усвоени од Собранието на РСМ во јули годинава.

„Краткорочните мерки се однесуваат на ограничување на сообраќајот и реорганизирање на работното време на ранливите групи на граѓани, намалување на работата на загадувачките индустриски капацитети, зголемен инспекциски надзор и друго“, напиша пратеничката Моричанин на Фејсбук.

Податоците од мерните станици за квалитетот на воздухот на Министерството за животна средина и просторно планирање покажуваат дека вчера биле надминани среднодневните гранични вредности за ПМ 10 честички на сите мерни станици во Скопје, при што во Карпош биле измерени најмалку – 60,95 микрограми на метар кубен, додека во Лисиче најмногу – 115 микрограми на метар кубен.

Градот Скопје завчера донесе серија на мерки, меѓу кои е и бесплатниот јавен превоз во Скопје, кои рекоа дека е бидат во сила сè додека мерните станици не покажат помалку од 100 микрограми на кубен метар, концентрација на штетните честички.