Алтернатива Настани

ФК ВАРДАР – ФК ДИНАМО ЗАГРЕБ

Сподели:

MDfkvardarfkdinamozagrebsportskinastani

Национална Арена „Филип Втори“,  12 Јули

Најтрофејниот македонски клуб на сите времиња наредниот месец го очекува нова „одисеја“ на европската фудбалска сцена. Нашиот сакан Вардар, во вторник на 12 јули, со почеток од 20:45 часот, на арената „Филип Втори“ во Скопје, ќе го пречека хрватскиот првак Динамо Загреб, во првиот меч од второто квалификациско коло за пласман во Лигата на шампионите.

По пауза од речиси цели три децении, денешните „црвено-црни“ јунаци, ќе имаат можност да нѐ потсетат на убавите денови од славното минато, кога загребските „модри“ неретко со наведната глава и полна мрежа го напуштаа главниот град на нашата татковина. Впрочем, тимот со чиишто победи израснаа генерации скопјани и Македонци и кој низ годините прерасна во најголемиот спортски симбол на македонскиот народ, отсекогаш бил страв и трепет, дури и за најголемите гиганти на овдешните поднебја.

Несомнено, клучот за успехот, меѓудругото се криеше и во „поволниот ветар“ кој секогаш дуваше од трибините, насочувајќи ги развиорените „црвено-црни“ едра, кон сигурна „пловидба“ до бројните историски победи и освоени трофеи.

Затоа, ајде и овојпат заедно до последно место да го исполниме гледалиштето на најголемиот фудбалски храм во земјава. На нашите фудбалери од првата до последната минута ќе им биде неопходна вашата победничка песна, во обидот да стекнат драгоцена предност пред возвратниот дуел во Загреб, кој ќе се игра седум дена подоцна.

Од вас драги навивачи, се очекува како и секојпат досега, со фер и коректно навивање да покажеме дека Вардар е европски клуб и дека местото му е рамо до рамо до најпознатите екипи од Стариот континент.

Влезниците за натпреварот ќе бидат пуштени во продажба преку продажната мрежа на Тикет Плус, како и онлајн преку интернет страната на ticketplus.mk. Сите заинтересирани љубители на фудбалот, во периодот од 1 до 6 јули, ќе може да ги набават влезниците по промотивна цена од само 100 денари, а потоа, истите до денот на одигрувањето на натпреварот, ќе чинат 200 денари.

На 12 јули, сите патишта водат кон арената „Филип Втори“.

Со полни трибини, до исполнети срца!

Сподели: