По повод Денот на независноста денеска претседателот на Собранието, Африм Гаши изјави дека оваа 35-годишнина треба да ја гледаме низ она што сме го изградиле, а не низ она што не ни успеало. Ова е оптимистичката визија за земјата и за сите наши граѓани.
“Денес, кога ја одбележуваме 35-годишнината на нашата Република, овде во Домот на граѓаните – во републичкото Собрание, покрај одбележувањето на овој толку важен јубилеен настан, имаме можност и заеднички да се осврнеме на сето она низ што помина Републиката во текот на овие години, но и да размислиме каква држава им оставаме на генерациите што доаѓаат по нас.

Вистина е дека 35 години за животот на една држава не се многу, но тие се доволни за да разбереме дека државноста не се постигнува само со еден политички акт, со референдум или само со прогласување независност. Државата е нешто што се гради секој ден. Таа се гради со институции, со закони, со одговорност, со економија, со образование, со правда, со остварени граѓани, со среќни семејства кои живеат во таа држава, со доверба во државата и, пред сè, државата се гради со луѓе кои веруваат дека нивната лична иднина е поврзана со заедничката иднина на државата.
Кога доаѓа 8 Септември и ѝ се навраќаме на 1991 година, секогаш го имаме предвид фактот дека независноста дојде во исклучително тешко и деликатно време. Освен што беше време на распаѓање на Југославија, на политички и економски неизвесности, како и на големи промени во Европа, тоа беше и време кога пред оние што ја создаваа независна Македонија стоеше предизвикот дали оваа независност може да се оствари и, второ, дали сето тоа може да се постигне без војна.
Затоа, без оглед на тоа на кој политички табор му припаѓале и дали се согласуваме со сите политички одлуки на таа генерација, не можеме да не го признаеме и вреднуваме фактот дека Македонија стана независна и суверена на мирен начин, нешто што не се случи со другите републики кои се одвоија од поранешна Југославија. Поради тоа, 8 Септември и референдумот од 1991 година се мирен роденден на една држава сонувана од многу генерации и круна на една повеќедецениска заложба.
Додека славиме, не треба да заборавиме дека патот во изминатите 35 години не бил лесен. Имаше периоди на успех, но и периоди на кризи. Имаше моменти на стабилност, но и моменти на политички и економски потреси. Доживеавме уставни и институционални промени. Поминавме низ тежок економски транзициски процес и трансформација на општеството, додека многу наши граѓани ја напуштија земјата во потрага по подобар живот. Сепак, ние, кои останавме овде, верувавме дека вреди да се обидуваме за ефикасни и доверливи институции. Затоа, и оваа 35-годишнина треба да ја гледаме низ она што сме го изградиле, а не низ она што не ни успеало. Ова е оптимистичката визија за земјата и за сите наши граѓани.
Во таа насока, секој кој ја сака оваа држава знае дека во темелот на државата лежи рамнотежата на еднаквоста и дека колку повеќе се зачувува оваа рамнотежа, толку е поуспешна и самата држава. Северна Македонија е дом на граѓани со различна етничка, јазична, верска и културна припадност. И тоа не е пречка на патот на градењето на државата. Тоа е реалноста на нашата држава, а наша одговорност е оваа реалност да ја претвориме во извор на успех.
Следствено, по аналогија со легендарната реченица на претседателот Кенеди, ние не треба само да го поставуваме прашањето што направила државата за нас, дури ни што сме направиле ние за државата во овие 35 години, туку сите треба да се запрашаме каква држава посакуваме да имаме во следните 35 години? Тоа е предизвикот на нашата генерација.
А државата на иднината треба да биде држава на функционални институции, каде што администрацијата не го гледа граѓанинот како товар, туку како причина за своето постоење, каде што законот се применува еднакво без оглед на припадноста на странката, каде што корупцијата се гледа како порок и каде што сите ја гледаат заедничката европска перспектива. Всушност, ние можеме да имаме различни јазици, различни култури, различни традиции, различни политички убедувања, но имаме само една заедничка држава. Ова треба да биде основата на нашиот однос.
И тука Собранието има посебна одговорност, затоа што Собранието е местото каде што општеството се отсликува и се претставува преку своите институции. Ние знаеме дека во секое плуралистичко собрание парламентарната дебата е неопходна, несогласувањето е нормално и секако и критиката е потребна, но над секоја политичка разлика треба да постои една поголема одговорност – одговорноста кон државата и кон граѓаните. Можеби нема да се согласуваме за начинот на кој треба да постигнеме одредена цел, но мора да бидеме способни да се согласиме за тоа кои се основните државни цели.
Не можам да не повторам и во оваа прилика дека еден од столбовите на успешна држава, каква што посакуваме да биде и Северна Македонија, е економскиот развој. Ние треба да создадеме услови младите да не го гледаат заминувањето од земјата како единствена можност за подобар живот. Тоа бара подобри работни места, бара квалитетно образование, бара инвестиции, бара модерна инфраструктура, бара технологија и иновации, бара поддршка за претприемништвото и бара администрација која го олеснува сето тоа.
Освен тоа, убеден сум дека треба да се промени и нашиот однос кон дијаспората. Таа не треба да се гледа само како извор на ремитенции, туку како неразделен дел од човечкиот капитал на оваа држава. Бидејќи таа носи знаење, искуство, капитал, меѓународни врски и нови професионални стандарди. Затоа, треба да изградиме механизми кои ќе го олеснат враќањето на знаењето и инвестициите на иселеништвото во родното место.
Наш друг предизвик е демографијата. Заштитата и афирмацијата на традиционалното семејство е патриотски чин што нè прави одговорни сите нас. Не можеме да изградиме силна држава ако секоја година губиме дел од младата генерација. Но, демографската политика не треба да се гледа само преку наталитетот. Таа треба да биде поврзана со квалитетот на животот, со вработувањето, со квалитетното образование и здравство, со правдата, но и со животната средина и можностите за домување. Младите треба да веруваат дека и овде можат да изградат добар живот. Ако сакаме младите да останат овде, постојано треба да создаваме причини и можности за нив. Ова е патриотизмот што се очекува од нас.
Денес, кога го славиме 35-тиот роденден на Републиката, кога им оддаваме признание на заслужните за овој јубилеј, треба да имаме храброст отворено да зборуваме за тоа како може да се унапреди и развива Републиката, каде сме успеале и каде можело да се направи подобро, на кои точки можеме да работиме повеќе и кои треба да бидат нашите цели во иднина. Без оглед како ќе го именуваме тој процес, задачата на нашата генерација останува да ја одржува жива дебатата за тоа како можеме да ја направиме оваа држава пофункционална, како можеме да ја зајакнеме симетријата на државата во однос на општествената различност, како можеме да ја направиме нашата држава така што секој граѓанин ќе ја чувствува на ист начин и еднакво ќе се ангажира за нејзиниот успех.
Таа е Републиката што треба да ја градиме во годините што доаѓаат. Република во која граѓанинот нема да се чувствува како странец во својата држава. Република во која разликите нема да бидат извор на страв, туку можност за успех. Република во која институциите ќе бидат посилни од тесните индивидуални или групни интереси. И Република во која младите ќе можат да кажат: „Овде е моето место и овде ја гледам мојата иднина.“
Јас верувам дека ова треба да биде суштината на 35-годишнината. Во тој дух, ве повикувам да ја градиме иднината со повеќе одговорност, со повеќе доверба и со повеќе работа. Среќен 8 Септември и честита 35-та годишнина на Републиката.”


